Натамошно унапредување и развој на сметководствената професија и потенцирање на нејзиното значење во банкарскиот и целокупниот бизнис сектор е главната цел на соработката што преку потпишување н меморандум денеска ја договорија претседателките на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) Весна Прентоска и на Македонската банкарска асоцијација (МБА) Маја Стевкова Штериева.
Како што соопштија двете асоцијации, посебен акцент во идната соработка ќе биде ставен на активностите кои треба да овозможат правилна имплементација на меѓународните стандарди за финансиско известување. Притоа ќе се формира и работна група која ќе работат на навремено ажурирање и примена на идните новини кај меѓународните стандарди.
– Правилната примена на најновите меѓународни стандарди за финансиско известување има големо значење за економијата, затоа што со тоа се подобрува ефикасноста и конкурентноста на деловните субјекти, а истовремено креира придобивки и за државата, затоа што овозможува подобра контрола на сите финансиски текови и намалување на даночната евазија. Домашните банки веќе ги преминуваат овие стандарди, а сега преку оваа соработка и партнерство со ИСОС, добиваат можност да ги споделат своите добри практики и искуства во оваа област и со сметководителите и финансовите менаџери во останатите деловни субјекти во земјава – изјави Стевкова Штериева.
Прентоска, пак, смета дека ова партнесрство претставува значајна поддршка на тековните процеси за развој на сметководствената професија во нашата земја.
– Со него ИСОС, а преку тоа и неговите членови, а тоа се сите лиценцирани професионални сметководители во нашата земја, добиваат дополнителни можности и пристап до висококвалитетно знаење и практичните искуства на банките при примената на меѓународните стандарди за финансиско известување. На ваков начин дополнително се истакнува и јакне улогата на сметководителите во целосното, точно и објективно евидентирање на деловните настани во книгите на економските агенти, што во крајна линија придонесува оваа професија да го заземе местото во општеството кое го заслужува – рече Прентоска.
Соработката треба да се реализира преку организирање на семинари, панел дискусии и стручни работилници на кои ќе се разгледуваат практични примери и предизвиците при примената на меѓународните сметководствени стандарди.