„Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“ продолжуваат да ја докажуваат својата универзална вредност

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

„Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“ продолжуваат да ја докажуваат својата универзална вредност. Осум бајки и басни што се дел од овие изданија отсега ќе бидат достапни и на јапонски јазик и во нив ќе можат да уживаат и децата од Јапонија. Бајките „Момчето што се скри во златното јаболко“, „Вејко Северко“, „Двата цара“, „Девојчето и дванаесет месеци“ и басните „Војската на лавот“, „Лакомата меца“, „Кучето и зајакот“ и „Жабата и зајакот“ во јапонските изданија добија и автентична илустрација со што уште повеќе им се приближуваат на јапонските читатели.

Досега „Бајки од Македонија“ се преведени на седум јазици и на Брајовото писмо, наградувани се во светот и во земјава и се едни од најпродаваните книги за деца кај нас. „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“ се во издание на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, а во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“. Јапонските изданија се веќе достапни во училишните библиотеки во Јапонија.

– Фактот дека во „Бајки од Македонија“ сега ќе можат да уживаат и најмладите Јапонци е најголемата награда за нашиот вложен труд, време и средства, но и најмоќниот начин за ширењето на македонската автентична култура низ светот. Тоа е потврда дека вистинските вредности секогаш се препознаваат. Фактот дека овие изданија успешно ги надминуваат националните културолошки рамки и нивните универзални пораки допираат до секој човек на планетава е огромна сатисфакција за оваа наша хуманитарна работа. Продолжуваме со иста посветеност да создаваме нови успешни приказни – истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на извршниот одбор на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.

Изданијата на јапонски јазик се дел од проектот „Град домаќин“ што го реализира Асоцијацијата за култура на градот Чагасаки, Јапонија. Оваа асоцијација е волонтерска и работи на проекти чијашто цел е поголемо поврзување помеѓу различни култури во светот. Начинот на раскажување е близок до традиционалниот јапонски стил камишибаи, кој користи слики за раскажување приказни и е позната како еден вид уличен театар.

– За секој издавач најголема потврда за успешен проект е потенцијалот на изданијата. „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“ не само што беа одлично прифатени туку истовремено ја потврдија својата вредност и популарност, поради што и доживеаја неколку реизданија на домашниот пазар. Истовремено, успешно се наметнаа и на интернационалните пазари. Продолжуваме да го развиваме овој проект и да создаваме жива култура што ќе биде широко прифатена – истакна Бранка Бугариска, главен уредник во „Арс Ламина“.

Во тек е и проектот „Современи бајки од Македонија“, чијашто цел e да создаде можност за авторски израз на млади автори и илустратори. На конкурсот за современи бајки беа избрани бајките „Перуника“, „Бакнежот на пролетта“, „Сончевото момче Ил“ и „Осаменото дрво“. На отворен конкурс беа избрани и илустраторите, чиишто визуелни решенија се во завршна фаза.

Share This Article