Претседателот на САД Џо Бајден својот говор за состојбата на нацијата синоќа го започна со остра осуда на рускиот претседател Владимр Путин за неговата воена агресија во Украина и се закани дека ќе го заплени „нечесно“ стекнатото богатство на руските олигарси.
Демократијата и слободниот свет ќе победат над тиранијата, порача тој
-Путин го наруши слободниот свет, мислеше дека ќе влезе во Украина и светот ќе се оттргне. Наместо тоа тој удри во цврст ѕид. Тој се соочи со украинскиот народ. Путин греши, ние сме подготвени и направивме коалиција, и заедно со ЕУ, Велика Британија и други земји како Јапонија, Австралија, Нов Зеланд па и Швајцарија, воведовме жестоки санкции за да го отсечеме од неговиот воен буџет – изјави Бајден,
Бајден се обрати и до „руските корумпирани олигарси“ со порака: „ќе го најдеме вашето нечесно стекнато богатство“.
Тој истакна дека Министертвото за правда на САД оформи работна група која ќе ги истражува криминалите на руските олигарси.
-Заедно со нашите европски сојузници да ги најдеме и заплениме нивните јахти, луксузни станови, нивните приватни авиони. Но, исто така и го затвораме нашето небо за руските авиони – рече тој.
– Путин сега е поизолиран од кога и да е од остатокот од светот, бидејќи во борбата против автократијата, демократиите се здружуваат – рече Бајден, најавувајќи забрана на воздушниот простор на САД за руските авиони, како што направија Европската Унија и Канада.
– Најавувам дека ќе им се придружиме на нашите сојузници во затворањето на воздушниот простор на САД за сите руски летови, дополнително изолирајќи ја Русија и додавајќи дополнителен притисок врз нивната економија – рече Бајден.
Претседателот изјави дека САД и сојузниците од НАТО, ќе ја бранат секој педа од својата територија во Европа.