Маките на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, кој е во болница продолжуваат, но големи се и оние на неговиот американски колега Џо Бајден кој е под жесток притисок да го екстрадира Болсонаро. Но, веќе една земја се огласи дека не би го прифатила Болсонаро, дури и тој легално да побара државјанство.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани денеска изјави дека поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро не поднел барање за италијанско државјанство, но и дека не би можел да го добие дури и да го направел тоа.
Со ова Тајани ги поби тврдењата на бразилските медиуми дека Болсонаро бил во постапка за документите. Истовремено, Стејт департментот одби да го коментира за визниот статус на поранешниот претседател. Имал ли Болсонаро специјална виза за влез во САД?
Бајден не размислува за екстрадиција?
Болсонаро побегдна во САД два дена пред истекот на неговиот мандат на 1 јануари, а го оставил Бразил во хаосот на протестите на неговите поддржувачи десничари, протести кои Џо Бајден во неделата ги нарече „безобразни“. Во протестите веќе се уапсени повеќе од 1.200 лица.
Но, Бајден не го обвини Болсонаро за протестите. При посетата на Мексико Бајден не кажа дали воопшто размислува да го отстрани од земјата.
Растечкиот хор од американски законодавци, фрустрирани од одлуката на администрацијата да му дозволи влез на Болсонаро во земјата, сметаше дека неговиот ран одговор на ова прашање е премногу слаб.
Не случајно Болсонаро се смести на два ипол часа возење од Трамп
Претставникот Хоакин Кастро од Тексас беше меѓу првите демократи кои повикаа на отстранување на Болсонаро од земјата. Кастро за Њузвик изјавил дека има „многу јасни врски“ не само меѓу методите на Болсонаро со оние на Трамп, туку и на Стив Банон, еден од поранешните менаџери на кампањата на Трамп.
Конгресменот истакнал дека Банон снимал видео пораки во име на Болсонаро, додека честопати се повикува на изгледите за „Бразилска пролет“ на неговиот подкаст. Трамп, исто така, снимил видео со кое му дава „силна“ поддршка на поранешниот лидер.
– Не е случајно што (Болсонаро) заврши на Флорида – рекол Кастро.
Всушност, Болсонаро е сместен на два и пол часа возење од имотот на Трамп во Мар-а-Лаго, во областа Орландо.
Болсонаро имал специјална виза за САД?
Кастро не е единствениот демократ од Претставничкиот дом што тргнува по Болсонаро, а претставничката Александрија Окасио-Кортез од Њујорк твитна дека САД мора да застанат во солидарност со Лула и „да престанат да му даваат засолниште на Болсонаро на Флорида“.
Претставникот Рубен Галего од Аризона твитна дека „секој бразилски функционер што ја користи Флорида или која било држава во САД како полигон за државен удар треба да биде депортиран и предаден на бразилските власти“.
Но, останува нејасно кој процес би го искористила администрацијата за да го отстрани поранешниот бразилски претседател од земјата.
Ројтерс во понеделникот објави дека Болсонаро, кој се соочи со обвинувања за корупција пред да се повлече, најверојатно влегол во САД со специјална виза резервирана за поранешни шефови на држави. Можно е визата да биде укината ако Болсонаро биде обвинет за кривично дело во Бразил и владата побара негова екстрадиција.
Има шанси на Болсонаро да му се суди во Бразил
Советникот за национална безбедност Џејк Саливан изјави за новинарите во понеделникот дека администрацијата сè уште не добила никакви официјални барања од бразилската влада во врска со Болсонаро.
Саливан рече дека доколку биде испратено барање, Стејт департментот „ќе се справи со тоа“, но не даде дополнителни детали.
Конгресменот Кастро сепак е убеден дека на Болсонаро може и да му се суди и тоа во неговата родна земја.
– Мислам дека има добри шанси Бразилците да покренат обвинение против него – рече Кастро.
– САД не треба да бидат негово засолниште.