Американскиот претседател Џо Бајден навести во вторникот дека Вашингтон може да ги укине ограничувањата што ја спречуваат Украина да користи американски ракети со долг дострел против Русија, пренесоа странските новински агенции.
„Во моментов го проучуваме“, одговори Џо Бајден на новинарско прашање при заминувањето во Њујорк дали ќе ги укине ограничувањата за употреба на оружје со долг дострел во Украина.
Москва се уште не ги коментираше неговите изјави. Меѓутоа, рускиот претседател Владимир Путин во минатото јасно стави до знаење дека укинувањето на ограничувањата за употреба на американски ракети може да предизвика многу сериозни проблеми.
Претходно, истакнати републикански политичари во писмо во вторникот побараа од администрацијата на Бајден да и дозволи на Украина да распореди ракетни системи со долг дострел против цели во Русија. Притоа, тие сметаа дека САД требаше да го направат тоа одамна. Писмото, меѓу другото, го потпишал и претседателот на комисијата за надворешни работи во Претставничкиот дом на САД, Мајкл Мекол, пренесува германската новинска агенција dpa.
Бајден ја навести можноста за укинување на ова ограничување во време кога американскиот државен секретар Антони Блинкен и неговиот британски колега, министерот за надворешни работи Дејвид Лами, се подготвуваа за денешната посета на Киев, каде што требаше да се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Блинкен рече дека една од целите на посетата е директно да се слушне од украинското раководство кои се целите на Киев и како сојузниците можат да му помогнат.
За време на посетата на Велика Британија во вторникот, Блинкен го обвини Иран за снабдување на Русија со балистички ракети и рече дека тие би можеле да бидат употребени против Украинците во рок од неколку недели. Лами го нарече потегот на Иран значајна и опасна ескалација.
САД во моментов ја ограничуваат употребата на своето оружје против Русија за одбрана од руската офанзива на источниот украински град Харков. Украина долго време бара укинување на ограничувањата на САД, велејќи дека тоа е единствениот начин да се добие пристап до руските воени аеродроми од кои можат да полетаат руските воени авиони кои вршат напади во Украина.