Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека неговата одлука да се кандидира за втор претседателски мандат во 2024 година е делумно мотивирана од присуството на поранешниот претседател Доналд Трамп во политиката.
За време на средбата со демократските донатори во близина на Бостон, Бајден истакна дека, иако не е сигурен дека ќе се кандидирал да не бил Трамп, сега верува дека не може да дозволи Трамп да победи.
-Трамп веќе не се ни крие. Ни кажува што ќе прави, но не можеме да му дозволиме да победи – додаде Бајден, нагласувајќи дека во случај на кандидатура на Трамп и тој ќе излезе на избори.
Иако Бајден се соочува со предизвици околу пласирањето на својот економски учинок и прашања за неговата поодмината возраст бидејќи веќе наполни 81 година, тој нагласува дека демократијата е во прашање на новите избори и најавува конфронтација со поранешниот претседател и бизнисмен. Популарноста на Бајден е во опаѓање, но се чини дека тој ќе биде демократски претседателски кандидат за изборите во 2024 година, освен ако не дојде до сериозни здравствени проблеми или некое големо изненадување.
Од друга страна, Доналд Трамп во моментов важи за голем фаворит за претседателски кандидат на Републиканската партија. Неговото присуство во политиката и објавувањето на неговата кандидатура за изборите дополнително влијае на одлуката на Бајден да се кандидира за втор мандат.
– Да не се кандидираше Трамп, не сум сигурен дека ќе се кандидирав – рече Бајден на собирот од Бостон.
Коментарите на Бајден доаѓаат во време кога дури и тврдокорните демократски гласачи изразуваат загриженост за возраста на претседателот.