Русија синоќа изврши нов жесток напад врз главниот украински град Киев. На социјалните мрежи се појавија видеа од нападот со бесипилотни летала. Според соопштение на Белата куќа, руските сили употребиле речиси 200 ракети и дронови лишувајќи ги украинските граѓани од електрична енергија.
Во соопштението потпишано од американскиот претседател Џо Бајден се вели:
„На овој ден, мојата порака до украинскиот народ е јасна: Соединетите Американски Држави стојат покрај вас. На почетокот на оваа година и по моја наредба, САД започнаа со приоритетен извоз на противвоздушна одбрана за Украина. Министерството за одбрана достави стотици дополнителни ракети за противвоздушна одбрана до Украина и понатамошни испораки се во тек“.
Делови од соборените руски беспилотни летала доцна синоќа погодија згради во два киевски квартови, при што е повредено едно лице, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Сликите на урнатините расфрлани внатре и надвор од педијатриската клиника во градскиот кварт Днепровск, на источниот брег на реката Днепар, беа објавени на апликацијата за пораки Телеграм.
Чуварот на зградата е пренесен во болница, а оштетени се и соседните згради. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, истакна дека остатоците од дронот ја погодиле инфраструктурата во областа Свјатошински на западниот брег на реката. Воздушниот напад траеше повеќе од еден час.
Синоќа речиси милион Украинци останаа без електрична енергија по силен напад врз енергетската мрежа.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера се пофали дека Русија произведува десет пати повеќе ракети од сите земји на НАТО заедно и се закани дека ќе ги нападне центрите за одлучување во Киев со својата нова балистичка ракета со среден дострел „Орешник“.