Американскиот претседател Џозеф Бајден синоќа истакна денеска дека сирискиот претседател Башар ал Асад „треба да сноси одговорност“ за своите постапки, како и дека САД ќе работат со своите партнери и заинтересирани страни во Сирија, помагајќи им да се справат со ризиците.
Во обраќањето од Белата куќа, Бајден рече дека САД официјално не знаат каде е Башар ал Асад, но дека забележал извештаи дека сирискиот претседател побегнал во Москва.
Бајден рече дека Сирија е во период на ризик и неизвесност и дека е првпат по неколку години Русија, Иран и милитантната организација Хезболах да немаат влијателна улога во таа земја.
– Со години, главната поддршка на Асад доаѓаше од Иран, Хезболах и Русија. Но, во текот на минатата недела, поддршката од сите три партии пропадна, бидејќи сите три партии денес се многу послаби отколку кога јас ја презедов функцијата – рече Бајден, кој стана претседател на САД во 2021 година.
Истакна дека американските сили денеска извршиле десетина прецизни напади во Сирија, насочени кон кампови и оперативци на милитантната група Исламска држава.
Тој рече дека заминувањето на Асад претставува историска можност за сирискиот народ.