Повратникот во македонската фудбалска репрезентација Давид Бабунски (28) со оптимизам гледа на претстојниот полуфинален мундијалски бараж на гостински терен против Италија, најавувајќи максимален ангажман од сите за победа над актуелниот европски првак.
– Свесни сме за предизвикот кој ни следува, но оваа репрезентација покажа дека може да се надигрува со најголемите селекции. Подготвени сме за ваков предизвик. Ќе играме со срце и со желба да дадеме сè од себе за да победиме – изјави Бабунски, кој по пауза од пет години повторно е во националниот тим, а за прв пат заедно со својот помлад брат Доријан.
– Среќен сум што повторно сум дел од најдобрата македонска репрезентација. Ја имам истата желба и гордост како и првиот пат кога настапив за Македонија – рече Давид Бабунски пред денешниот тренинг на репрезентацијата во Скопје.
Во отсуство на тандемот од средниот ред Елиф Елмас и Тихомир Костадинов, кои ќе го пропуштат дуелот против Италија во Палермо на 24 март поради жолти картони, се очекува Давид Бабунски да го одигра својот 13 натпревар во националниот дрес, откако дебитираше во 2013 година, тогаш како член на Б тимот на Барселона.