Азербејџан во средата соопшти дека воената операција во Нагорно-Карабах, неговиот отцепен регион контролиран од Ерменците, продолжува успешно и покрај повиците од светските сили и лидерите на ОН да се запре крвопролевањето.
По неколкумесечни зголемени тензии во Нагорно-Карабах, спорниот регион во Јужен Кавказ, Азербејџан оваа недела испрати сили засилени со артилерија во обид да ја врати контролата врз регионот.
Воените мерки „успешно продолжуваат“ со уништување на оружје и воена опрема во тој регион, објави азербејџанското Министерство за одбрана на платформата Телеграм.
Нагорно-Карабах е меѓународно призната како азербејџанска територија, но дел од неа е управувана од сепаратистичките ерменски власти кои тврдат дека е нивна татковина на предците.
Ерменија тврди дека во регионот нема воени сили.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен телефонски разговараше со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан, повикувајќи го Азербејџан „веднаш да ги прекине воените акции“ и да ја деескалира ситуацијата.
Стејт департментот соопшти дека Алиев „ја изразил својата подготвеност“ да ги прекине непријателствата и да одржи состанок со претставници на Нагорно-Карабах.
Блинкен му рекол на Пашинјан дека Ерменија ја има целосната поддршка од Вашингтон.
Руските новински агенции, повикувајќи се на канцеларијата на азербејџанскиот претседател, објавија дека Алиев му рекол на Блинкен дека Азербејџан ќе ја прекине операцијата дури откако ерменските борци ќе го положат оружјето и ќе се предадат.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш повика на „итен прекин на непријателствата“ откако Европската унија, Франција и Германија ја осудија воената акција на Азербејџан.
Ерменија зазеде големи делови од територијата во војната по распадот на Советскиот Сојуз, а Азербејџан врати голем дел од неа во шестнеделниот конфликт во 2020 година, кој заврши со прекин на огнот со посредство на Русија.
Не е јасно дали операцијата на Азербејџан ќе предизвика војна со Ерменија.
Русија се обидува да го задржи своето влијание во регионот, вкрстен со нафтоводи и гасоводи, наспроти зголеменото учество на Турција, која го поддржува Азербејџан.
Сепаратистичките власти во Карабах соопштија дека во вторникот во азербејџанската воена операција загинале 27 лица, меѓу кои двајца цивили, а повеќе од 200 биле повредени.
Азербејџан објави дека две лица се убиени на териториите на Карабах под нивна контрола.
Жителите на некои села се евакуирани, а Азербејџан најави дека се отворени „хуманитарни коридори“ за евакуација.
Рано во средата, Москва ги повика двете страни да го прекинат крвопролевањето и непријателствата и да се вратат на спроведувањето на договорот за прекин на огнот од 2020 година.
„Ги повикуваме конфликтните страни веднаш да го прекинат крвопролевањето, да престанат со непријателствата и да ги запрат страдањата на цивилите“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи објавено на платформата за пораки Телеграм.
Односите меѓу Русија и Ерменија, претходно традиционални сојузници, пропаднаа откако претседателот Владимир Путин ја започна инвазијата на Украина во 2022 година и дополнително се влошија во последниве месеци поради, како што вели Ерменија, неуспехот на Москва целосно да го спроведе договорот за прекин на огнот од 2020 година.
Ерменија, која повремено одржува мировни разговори со Азербејџан, вклучително и за иднината на Карабах, ја осуди „целосна агресија“ на Азербејџан врз народот на Карабах и го обвини Азербејџан за гранатирање градови и села.
Азербејџан тврди дека неговата намера е „да се разоружа и да се обезбеди повлекување на ерменските вооружени сили од нашите територии и да се неутрализира нивната воена инфраструктура“.
Франција повика на итен состанок на Советот за безбедност поради „незаконската и неоправдана“ операција на Баку во Нагорно-Карабах.