Летово, како никогаш во изминатиот период, автопатот Мајка Тереза беше исчистен од двете страни. Тревата беше искосена, исчистени беа и каналите и што е најважно беше собран отпадот кој со години ја правеше грдата слика на овој автопат. Но, сѐ траеше само околу 2 месеца. Ако сега возите по овој автопатот ќе видите повторно на коловозот, покрај банкините и на покосената трева расфрлани шишиња, хартии, остатоци од храна и пакувања.
Сите што патуваат по овој автопат се чудат како може само за толку кратко време да се направи толку отпад.
– Каков народ сме, не можеме да гледаме чисто да ни биде. Не поминаа 2 месеца откако се пофаливме дека конечно се исчисти сметот и од овој автопат, повторно иста слика. Ние не знаеме да се грижиме за животната средина, тоа е тоа. Мислиме никој не нè гледа кога го фрламе отпадот низ прозорецот додека се возиме, а потоа кога ќе се вратиме се прашуваме кој фрла отпад. Важно колите и автобусите да ни бидат чисти, а животната средина, па таа е на сите – вели тетовец кој секој ден патува за Скопје.
Тој се прашува дали се потребни казни за сите што фрлаат отпад на патот кој се задржува на банкините и прави грда слика.
– Можеби треба и за ова да има казни. Ако не друго барем тие што ќе се фатат како исфрлаат отпад од возилата да бидат ангажирани неколку дена да го чистат она што тие како нив го фрлаат од возилата. Можеби ќе ни дојде умот на тој начин. Не знам, можеби се потребни некакви редари во автобусите или да се движат на патиштата и да ги запишуваат возилата од кои се фрла ѓубре, а казната на возачите да им доаѓа дома или слично. Но, секако потребно е некако да се влијае на граѓаните да се однесуваат поодговорно кон околината. Инаку, џабе ќе биде да се ангажира фирма да чисти кога таа не може да постигне да го исчисти она што ние сме способни да го извалкаме – додава тој.
Како беше кога беше исчистен патот?
Како е сега?
Од јавното претпријатие за државни патишта велат дека во изминатиот период фирмата „Мирсад комерц“ која е задолжена за чистење на автопатиштата, исчистила вкупно 270 километри патишта, при што собрала повеќе од 650 метри кубни смет.
Од фирмата „Мирсад комерц“ велат дека автопатиштата досега биле запуштени и не можат да постигнат целосно да ги исчистат, а за повторно чистење на поминатите километри, ќе треба да поминат најмалку 2 месеца.
– Сè уште ги чистиме автопатиштата. На одделни делови има многу високи дрвја каде што ќе треба да побараме и асистенција на полицијата да го запре сообраќајот бидејќи при сечење може да дојде до несакани несреќи. Засега ѓубрето го собираме од патарините и наплатните рампи и паркинзите еднаш во 2 месеца, а за другите делови од автопатиштата ќе реагираме по потреба. Тоа да го правиме редовно ќе ни требат и дополнителен број на работници – вели Мирсад Зеќироски од „Мирсад комерц“.
И тој вели дека граѓаните треба да бидат поодговорни во однос на одржувањето на чистотата на автопатиштата и да не фрлаат отпад.
Од Државни патишта, пак, велат дека имаат постојани апели преку медиумите и преку официјалната веб и Фејсбук страна, учесниците во сообраќајот и патниците одговорно да се однесуваат кон природата низ која поминуваат нашите патишта.
– Долж коридорите VIII и X, на наплатните станици, како и на сите означени паркинг места за одмор, ЈПДП има поставено канти за собирање на отпад. Посочуваме и на опасноста од фрлениот отпад за останатите учесници во сообраќајот, а воедно и повикуваме доколку забележат фрлање на отпад на и покрај државните патишта да пријават кај надлежните служби или да ја споделат информацијата со нас на contact@roads.org.mk – велат од Државни патишта.
Во однос потребата да се воведат казни од претпријатието велат дека тие само можат да поставуваат информативни табли и ништо повеќе.
– Ние не сме орган што може да казнува и единствено може да поставуваме табли какви што има долж патот со потсетување дека треба да се грижиме за животната средина и да се надеваме на културата и воспитанието на учесниците во сообраќајот, но и на совеста да не предизвикуваат опасност по другите учесници во сообраќајот – велат од Државни патишта.
Фирмата „Мирсад комерц“, која ја ангажира јавното претпријатие за државни патишта има задача да ги исчисти автопатиштата што подразбира косење на тревата и плевелот, расчистување грмушки, кастрење гранки и сечење дрва, чистење и собирање на смет во среден и патен појас на автопатиштата.