Австрискиот претседател Александер Ван дер Белен, кој е во посета на земјава, вели дека не треба да драматизираме поради внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.
На прашање дали ќе ја убедува опозицијата да гласа за уставни промени, тој рече: „Не би сакал премногу да се изјаснувам во однос на внатрешно-политички прашања во Северна Македонија“.
– Во Парламентот ќе одржам говор и ќе ги замолам сите пратенички групи со длабоко размислување да постапат по ова прашање и да размислат, што стои долгорочно. Заштитата на малцинства во Северна Македонија се подразбира, а поради следниот чекор, уставните измени, не треба да се драматизира, според мене – рече претседателот на Австрија.
Тој посочи дека ги разбира реакциите на граѓаните поради новите услови од Бугарија кои влегоа во преговарачката рамка, но посочи дека треба да се искористи моментот и да не се губи многу време.
– Јас имам огромно разбирање за фрустрацијата која е присутна во однос на преговорите со Унијата. Токму затоа е важно, овој моментум, ова ново забрзување, зајакнатиот интерес на ЕУ, да се искористи и да не се изгуби дополнително време. Се надевам дека овој следен чекор треба да се реализира – рече Ван дер Белен.