„Ја повикувам Северна Македонија љубезно да го отстрани овој споменик како добар гест кон нашите бугарски сојузници“.
Ова, на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) го објави Гинтер Фелингер, австриски експерт и советник од невладиниот сектор кој се залага за побрза интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ и во НАТО.
Фелингер, кој инаку важи и за голем провокатор и пропагандист, замотал црвено-жолт шал околу вратот и се фотографирал пред споменикот на Цар Самуил на плоштадот „Македонија“ во Скопје, па оттаму, со превртен палец упатен кон споменикот, ги советува Македонците да им го направат меракот на Бугарите.
Инаку, во декември 2020 година истиот тој Фелингер бараше од Македонија да се откаже од празниците 11 и 23 Октомври, бидејќи биле провокативни за Бугарија.
Фелингер е познат по своите екстремни антисрпски ставови кои ги објавува на социјалните мрежи. Тој побара Србија да ја признае независноста на Косово и Метохија, да воведе санкции кон Русија, да се закачи украинското знаме на зградата на Претседателството на Србија во Белград и хотел „Москва“ да се преименува во хотел „Киев“.
Тој при посетата на Белград побара споменикот на Милица Ракиќ да се замени со споменик на Медлин Олбрајт и се сликаше со НАТО и албанското знаме.
Фелингер објави слика со знамето на НАТО во Белград на годишнината од почетокот на НАТО агресијата врз СР Југославија и по тој повод му се заблагодари на НАТО за бомбардирањето.
Постапката на Фелингер го предизвика гневот на српската јавност и дијаспората, по што во јавноста беа објавени неговиот телефонски број и адресата во Виена. По овој настан Фелингер изјавил дека цела ноќ добивал заканувачки пораки од „српските екстремисти“.