Австралија најави 15 нови загрозени видови, меѓу кои и малиот валаби, нагласувајќи дека ќе спречи целосно исчезнување на некои растенија и животни.
Владата на премиерот Ентони Албанес објави нов десетгодишен план за спречување на истребување на 110 „приоритетни видови“ и заштита на 20 „приоритетни места“ од понатамошно вознемирување.
Целта е да се спречи какво било понатамошно истребување на животински или растителни видови, а притоа да се зачуваат најмалку 30 проценти од австралиската копнена маса.
Помеѓу 15-те видови кои се вклучени во списокот на загрозени видови се малиот Валаби од Парма, на кој му се закануваат пожари и предатори, отровната сива змија од Квинсленд или малиот скакулец без крилја, на кој му се заканува суша и чести пожари. .
На голем број видови родени во Австралија им се заканува загуба на живеалишта поради човечки активности и екстремни настани, како што се шумските пожари од 2019 до 2020 година, велат групите за зачувување на биолошката разновидност.
Овие разорни пожари изгореа 5,8 милиони хектари вегетација во источна Австралија и убија или раселеа меѓу една и три милијарди животни.
„Особено пожарите (2019-2020) доведоа до катастрофални последици за бројни видови. Решени сме да му дадеме најдобра шанса на дивиот живот“, рече министерката за животна средина Тања Плибершек.
Таа рече дека вклучувањето на видовите во листата на загрозени, што ги штити според законот за заштита на животната средина, е важна фаза за заштита на видовите и живеалиштата на кои им е потребна итна помош.
Истражувачите проценуваат дека трошоците за борба против исчезнувањето на видовите во Австралија се околу 1 милијарда долари годишно.