Авганистанските граѓани депортирани во Кабул од Германија пред една недела, вклучително и тешки криминалци, веќе се на слобода, потврди претставник на Талибанците.
– Тие беа ослободени откако нивните семејства потврдија дека нема да вршат повеќе криминални дејствија – изјави претставник на талибанскиот режим во главниот град на Катар, Доха.
Пред тоа, германскиот јавен сервис АРД извести дека по пристигнувањето во Кабул пред една недела, првично биле приведени сите 28 криминалци, но по неколку дена сите биле ослободени.
Меѓу нив има и тешки престапници и еден осуден силувач на малолетничка. Сите тие веќе отслужија дел од казната во Германија.
Според германските медиуми, злосторствата за кои беа осудени протераните Авганистанци во Германија „не се релевантни“ за режимот во Кабул.
Би-Би-Си разговараше со некои од протераните криминалци кои најавија дека во секој случај ќе се обидат да се вратат во Германија каде што се нивните семејства.
Минатиот петок Германија ја испрати првата пратка со 28 криминалци во Авганистан во екот на напорите за заострување на имиграциската политика и исполнување на ветувањето за поинтензивно депортирање на странски криминалци.
Тоа е прва депортација во Авганистан откако Талибанците се вратија на власт таму во 2021 година. Со оглед на тоа што германската влада не одржува официјални контакти со владата во Авганистан, се проценува дека Катар посредувал во преговорите за депортација.
Протерувањето уследи по терористичкиот напад во Солинген, каде Сириец, кој одамна требаше да биде протеран од Германија, уби три, а повреди осум лица.
Германската влада најави дека во иднина ќе врши депортации во земји кои не се познати како безбедни, како Сирија и Авганистан. На изборите за локалните парламенти во Саксонија и Тирингија минатата недела, десничарската популистичка Алтернатива за Германија (AfD), која се залага за целосен крај на сите видови миграции и посебно запирање на нерегуларната имиграција, постигна огромен успех.