Најмалку 31 лице загина во експлозија на цистерна со гориво што се случи во тунелот Саланг, единствениот премин што ги поврзува северните провинции на Авганистан со главниот град Кабул.
Шерафет Заман, портпарол на Министерството за здравство на привремената влада на Талибанците, изјави дека уште 37 лица се повредени во експлозијата.
Силна експлозија предизвика пожар во кој изгореа бројни возила во тунелот.
„Има луѓе заробени под урнатините. Продолжуваме со акцијата за пребарување и спасување. Се плашиме дека бројот на загинати може да биде значително поголем“, објави Заман.
Тунелот се уште е затворен за сообраќај поради експлозијата. Пожарот што избувна по експлозијата ги зафати и камионите што превезуваа јаглен.
Според првичните информации, експлозијата настанала како последица на превртување на цистерната.