Кога се дозна дека сирискиот диктатор Башар ал Асад побегнал во Русија, украинскиот претседател Володимир Зеленски коментираше: „Храбриот Асад му побегна на Путин. Но, каде ќе побегне Путин?
Асад и неговото семејство добија азил во Русија „на основа на хуманоста“ – истиот што со години им го негираше на сопствените граѓани. Но, каков живот всушност му нуди Путин?, пишува Марк Галеоти во својот текст за „Spectator“.
Семејството Асад ќе стане уште еден експонат во „најчудната зоолошка градина“ во светот: колекцијата на Путин на поранешни диктатори. Имено, западно од Москва се наоѓа малото село Барвиха. Возејќи по главната улица, местото не изгледа многу различно од другите руски села. Меѓутоа, ако свртите во споредните улички и, особено, ако погледнете зад високите метални огради кои се протегаат по улицата, ќе забележите луксузни куќички кои всушност се пораскошни вили и замоци од обичните викендички.
За време на советската ера, куќите во ова село биле доделени на високи политички функционери и други заслужни и лојални Руси. Но, сега тоа е дом на непристојно богати тајкуни и соборени диктатори и нивните семејства.
Таму е и семејството на поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, Мира Марковиќ и неговиот син Марко Милошевиќ и уште најмалку тројца соборени диктатори: Аскар Акаев од Киргистан (соборен од „револуцијата на лалињата“ во 2005 година), Аслан Абашиџе од грузиската Ајарска автономна република (осуден отсутен поради тероризам и убиство во неговата татковина) и поранешниот украински претседател Виктор Јанукович (кој побегна по „Револуцијата на достоинството“ 2014). Се верува дека Башар и Асма ал Асад се најновите додатоци на колекцијата.
Но, сместувањето во Барвиха не е бесплатно, па семејсвото Асад ќе треба да плати и за живеење во тој златен кафез. Американскиот Стејт департмент процени дека приватното богатство на Асад е до 2 милијарди долари, а се крие низ светот во разни офшор сметки и лажни корпорации