Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, обвини дека во скопско Орман, во Општина Ѓорче Петров се случувал екоцид на парцела од 4.000 метри квадратни приватен имот и 5.000 метри квадратни имот на Македонија. Според градоначалничката, инспекторите за животна средина на Градот, затекнале опасен отпад кој што се депонирал и е на неколку стотина метри од новата прочестителна станица која ја гради Ѓорче Петров, а е финансирана од ЕУ.
Приватната дива депонија се наоѓа на парцела која е во сопственост на компанија која е под истраги за други дела, како и на лице вработено во општина Ѓорче Петров во секторот финансии, а од неодамна е избран и за член на раководството на синдикат на вработените во општината, рече Арсовска.
По неколку денови следење од страна на инспекторите, одговорните биле фатени на лице место додека вршеле екоцид, спречени се во вршење нелегални активности, прибрани се докази, а состојбата е фотографирана. Дополнително случајот е пријавен во МВР, а на лице место излегла и полицијата.
– Нема да дозволиме никој свесно и за профит да ги труе Скопјани. Констатирано е дека приватната дива депонија се користела како бизнис од наведените лица, кои не само што предизвикале екокатастрофа со истурање отпад во заштитната зона на реката Лепенец, туку и се осомничени за финансиски криминал. Прашањето е дали најголем клиент на овие лица кои вршеле екоцид е општината Ѓорче Петров. Во документацијата во која се водела илегална евиденција, може јасно да се констатира дека покрај градежните фирми и приватни лица од кои се наплаќало од 1.000 до 1.200 денари, најчест клиент кој депонирал опасен отпад е општината. На оваа локација, од истата илегална евиденција може да се види дека меѓу 50 и 100 тешки товарни возила на ден истурале токсичен и канцероген отпад – рече Арсовска.
Општината, како штo додаде градоначалничката, немала склучено договор со ЈП Дрисла, за одлагање на комунален и општински отпад.
Нагласи дека случајот е „криминален и скандалозен“ и апелираше процесирањето да биде што е можно побрзо.
– Град Скопје поднесе и кривична пријава до МВР против лицата кои правеле бизнис со кој го загрозуваат здравјето на граѓаните, а ќе поднесеме и посебна кривична пријава против градоначалникот на Општина Ѓорче Петров. Најмалку што може е да понесе морална одговорност во овој момент, а потоа и одговорност од функцијата градоначалник…. Град Скопје, ниту јас како негов градоначалник, нема да дозволиме кој било свесно и за профит да ги труе скопјани – рече Арсовска.
Појасни дека од земените примероци, според увидот на инспекторите, отпадот е многу опасен зашто имало големи количини салонитни елементи, како и голем дел гуми, и тоа се фрлало истовремено во Лепенец и „во масивни волумени“ се закопувало покрај реката. Исто така, имало и металоструготини што е, рече, „сериозно канцерогено и опасно“.
– Подигнат е материјал и извештаите од сите позиции на коишто беше детектирано дека има потенцијална опасност, како и од водите, ќе ги имаме во наредните неколку дена. Меѓутоа и од увидот на лице место беше евидентно дека тоа е сериозно загрозувачки по животот и здравјето на граѓаните и животната средина – истакна градоначалничката на Скопје.
Аросовска апелира што побрзо да се процесуира случајот, а најави и посебна кривична пријава за градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Александар Стојкоски. Го повика си поднесе морална одговорност и одговорност од функцијата градоначалник.