Милициите, поддржани од Иран, влегле во Сирија во текот на ноќта, од Ирак, и се упатиле кон северна Сирија за да ги зајакнат силите на сириската армија кои се борат со бунтовниците, изјавија два извора од сириската армија за Ројтерс.
– Ова е ново засилување што се испраќа за да им помогне на нашите соборци на фронтот на север – изјави висок армиски извор.
Медиумите, кои го поддржуваат Асад во Сирија, цитирајќи го министерот за здравство, д-р Ахмед Дамирие, известуваат дека амбулантите и службите за итни случаи во Алепо ја продолжиле својата работа откако не работеле два дена по нападите. Тврдењата не се независно потврдени.
Во текот на ноќта, сириската национална новинска агенција објави дека телефонската мрежа во Алепо, која паднала во рацете на бунтовничките сили, „претрпела значителна штета и неколку централи излегле од функција“.
Иран беше клучен политички и воен сојузник на сирискиот претседател Башар Асад во граѓанската војна во неговата земја, но не беше јасно како Техеран ќе ја поддржи Сирија во последното разгорување.
Бунтовниците, предводени од џихадистичката група Хајат Тахрир ал-Шам, во средата започнаа напад врз Алепо и врз селата околу Идлиб, пред да тргнат кон соседната провинција Хама.
Во неделата, владините трупи создадоа „силна одбранбена линија“ во северниот дел на Хама и се обидоа да го запрат моментумот на бунтовниците, според Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија.
Руски и сириски воени авиони го нападнаа градот Идлиб, кој е под контрола на бунтовниците, во неделата, на вториот ден од интензивното бомбардирање на северна Сирија. Целта на нападот е да ги потисне бунтовниците кои пробија до градот Алепо, соопштија сириски воени извори.