Војната на Русија против Украина дојде до „стратешки ќор-сокак“ изјави синоќа високиот претседателски советник Алексеј Арестович, јавува Нова.
– Руските сили постигнаа само минимален напредок, а во некои случаи и ние постигнавме напредок од минатиот месец – рече тој, додавајќи дека „она што го гледаме сега е стратешки ќорсокак“.
Според него, „ зголемен е влогот на Руската Федерација во оваа војна“.
Истовремено, Соединетите држави и некои други европски земји побараа состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации за ситуацијата во Украина. Планот е тој да се одржи во среда, на 24 август, изјави за ТАСС неименуван извор од Обединетите Нации.
Се очекува на средбата, меѓу другото, да се разговара и за резултатите од посетата на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на Украина. Гутереш пристигна во Лавов, каде денеска ќе се сретне со претседателите на Украина и Турција, Владимир Зеленски и Реџеп Таип Ердоган, потврдија од кабинетот на секретарот.
Портпаролот на Гутереш, Стефан Дижарик, изјави дека страните ќе разговараат за гранатирањето на поправниот дом во градот Јеленовка и ситуацијата со нуклеарната централа Запорожје.
Изворот на ТАСС од ОН додаде дека Гутереш може да разговара и за извоз на храна од регионот.
Дека конфликтот е во шах-пат позиција потврдува и Институтот за проучување на војната (ИСВ), еден од најпознатите институти кои ја анализираат војната во Украина. Од ИСВ велат дека руските сили продолжиле да ги напаѓаат населбите југоисточно од Сиверск без успех и се обиделе да извршат „неколку неуспешни напади во тактички предизвикувачки шумски области во близина на Харковско-Доњецка област“.