More

    Апсурдите во Законот за прекршоци секого може да однесат на обвинителна клупа

    spot_img

    Судењето на охридскиот адвокат Тони Менкиноски, кое денеска (вторник) треба да продолжи во Охридскиот суд, повторно го отвора прашањето на употребата на знамето со 16-кракото сонце, познато како Ѕвездата од Кутлеш, или Ѕвездата/Сонцето од Вергина. Дали ова знаме е забрането или не, и ако е, со кој закон? Во какви прилики смее, а во какви не смее да се користи, кој за тоа решава и дали таквата забрана, ако постои, претставува кршење на правата на слободата на изразување?

    Знаме „опасно“ за јавниот ред и мир!?

    Менкиноски ќе седне на обвинителна клупа за сторен прекршок „нарушување на јавниот ред и мир“, предизвикано со истакнување на огромно 40-метри долго знаме со Сонцето од Кутлеш на 20 јануари годинава, на празникот Богојавление/Водици, кога многу охриѓани се собираат на брегот на Охридското Езеро и, во согласност со православната христијанска традиција, се осветуваат езерските води со фрлање во вода на светиот крст.

    Менкиноски и група млади го поставиле долгото знаме на остатоците од средновековните ѕидини во близина на езерото, познати како Долна Порта, кои се сметаат за дел од Самоиловата тврдина. Охридската полиција му наредила на Менкиноски, кој е сопственик на знамето, да го тргне, но тој одбил, побарал да му биде покажана таква наредба, а младите се спротиставиле на тргањето на знамето, така што за малку е избегнат инцидент со полицијата. За неколку дена Менкиноски добил прекршочна пријава за „нарушување на јавниот ред и мир“.

    Селективна правда: Илјадници го веат, еден оди на суд!?

    На прашање на новинарите, од СВР Охрид тогаш одговориле дека јавниот ред и мир бил нарушен „со истакнување знаме или грб кој не ги содржи обележјата утврдени со закон“.

    Според самиот Менкиноски, прекршочната пријава е неоснована и има политичка мотивација.

    – Значи, нема закон и поради таа причина е поднесено обвинение против мене за нарушување на јавен ред и мир, бидејќи не знаеле како да го срочат обвинителниот акт. Со ова сакаат да покажат дека Македонците не смеат да го веат знамето со шеснаесеткракото сонце. Сакаат да покажат, ете ние го осудивме адвокатот, којзнае што ќе ви се случи вам ако го сторите истото – рече Менкиноски на протестите што се одржаа ден пред почетокот на неговото судење во Охрид, на кои голем број граѓани го вееја токму знамето со Сонцето од Кутлеш.

    Александар ТортевскиАдвокат

    Во најмала рака, во случајов има слективна примена на законот, зашто не може од стотици илјади луѓе само еден да се земе на одговорност


    Според адвокатот Александар Тортевски, нема никаква основа да се гони некој за веење знаме, кое е нашироко прифатено од многу граѓани.

    – Не сум сигурен во конкретниов случај точно која одредба е употребена, но многу е проблематично што сè се подразбира под јавен ред и мир. Од друга страна, сосема сум сигурен дека неколку стотици илјади луѓе во Македонија го имаат веено ова знаме во разни пригоди. Во најмала рака, во случајов има слективна примена на законот, зашто не може од стотици илјади луѓе само еден да се земе на одговорност, не смее полицијата селективно само него да го гони – вели адвокатот Тортевски.

    Според него, нема егзактен договор или забрана да се користи тоа знаме, а некои што го толкуваат неговото истакнување политички, тоа е, вели, друга работа.

    – Тоа беше официјално знаме, сега е сменето, но нема закон што дефинитивно ја забранува неговата употреба – вели Тортевски.

    Веењето знаме е прашање на слобода на изразување

    Според професорот по уставно право Светомир Шкариќ употребата на знамињата од приватни лица и односот кон нив е прашање од сферата на слободата на изразување.

    – Ова е една глупост од нашата полиција. Сосема непотребно. Носење знаме, особено ако не е државно, е приватна работа. А и да е државно. Има во САД познат случај на палење на амерканското знаме, но судот го осободи сторителот, оценувајќи дека тоа е начин на изразување на мисла, протест, а слободата на изразување е гарантирана. Знамето може да биде симбол на изразување на свое мислење во позитивна и во негативна смисла. Освено тоа, ова е широкоприфатено знаме, секој може во дворот да си го стави, јас можам на тераса да си го ставам. Ако има некој да се идентификува со тоа знаме, пуштете го да се идентификува – вели Шкариќ.

    Ако станува збор за државна манифестација, тоа е друго, вели Шкариќ, тогаш државата врз себе ја зема одговорноста за употребата на симболите.

    – Ова е врзано со спорот со Грција и тука сега властите се во конфузија и слепо тоа го форсираат, немаат храброст да направат разграничување. Знамето е облик на изразување на свој став, а ставот се изразува на јавно место. Граѓаните имаат право да го употребуваат тоа знаме, како сакаат и каде сакаат. Државните органи се друго, тие можат тоа да го регулираат со закон. За граѓанинот – не, не може никој да го натера ниту да користи ниту да не користи едно или друго знаме – вели Шкариќ.

    Не се регулира употреба на секое знаме

    Според професор Гордан Калајџиев, употребата на знамето од Кутлеш не е регулирана со закон, па според тоа не би смеела да се санкционира.

    – Со Законот за употреба на знамињата, регулирана е употребата на државното знаме и знамињата на странски држави, употребата на останати знамиња е во сферата на слобода на изразување. Исклучок се знамиња и симболи кои се изричито забранети, како фашистичкото знаме или слично. Договорот со Грција е проблем, но нема инкриминација на приватна употреба на знамето со 16-крако сонце – смета Калајџиев, професор по кривично право.

    Комерцијалната употреба е врзана со правилата за интелектуалната сопственост. Оставам резерва дека можеби има некоја инкриминација во Кривичниот законик

    Тони ДескоскиПрофесор


    И професорот Тони Дескоски од правниот факултет вели дека не може да се оспорува употребата на знамето со 16-кракото сонце врз основа на договорот со Грција од страна на приватни лица, односно граѓани.

    – Сонцето од Кутлеш, односно Вергина, нашата држава го прифаќа како дел од елинската цивилизација, со која нашата држава нема директна врска. Колку што ми е мене познато, употребата на овој елински симбол не е забранета, ниту пак е казнива, доколку употребата е за лични цели. Комерцијалната употреба е врзана со правилата за интелектуалната сопственост. Оставам резерва дека можеби има некоја инкриминација во Кривичниот законик – вели професор Десковски.

    Од каде доаѓа „инкриминацијата“?

    Ако таква „инкриминација“ не постои, според кој закон се гони Менкиноски? Да се потсетиме, во неговиот случај, на прашање на новинарите, од СВР Охрид одговориле дека јавниот ред и мир бил нарушен „со истакнување знаме или грб кој не ги содржи обележјата утврдени со закон“.

    Пред да ја откриеме „мистеријата“, да се потсетиме дека ова не е прв случај против некого да се покренува прекршочна пријава за употреба на знаемето со Сонцето од Кутлеш. На 30 мај 2022 година раперот Жарко Масларковски на прослава на втората европска титула на ракометниот клуб Вардар, на грбот го носел знамето со 16-кракото сонце и за тоа полицијата му напишала прекршочна пријава. Во пријавата тој се товари за „Постапување спротивно на наредба по член 14 и член 18 од Закон за прекршоците против јавниот ред и мир“ .

    И тука доаѓаме до фамозната „инкриминација“, иако не кривична, која постои во Законот за прекршоците против јавниот ред и мир („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/2007), кој е менуван и дополнуван во 2015 година. Членот 14 се однесува на непостапување по наредба на полициски службеник, а во членот 18 од овој Закон се вели:

    Кој неовластено отстрани, искине, замачка, оштети или на било кој начин ги изложи на подбив државите симболи на Република Македонија, симболите на припадниците на заедницитe или истакне знаме или грб кој не ги содржи обележјата пропишани со закон ќе му се изрече глоба во висина од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност.“

    Сè што не е „пропишано со закон“ е забрането!?

    Клучот е овде во зборовите „истакне знаме или грб кој не ги содржи обележјата пропишани со закон“. Што сака „писателот“ да каже? Дека сите знамиња, кои што не се државни, се забранети? Спротивно на правниот принцип дека сè што не е забрането е дозволено, овде имаме ситуација сè што не е „државно“ е забрането?

    Токму по овој член се товарат прво младиот Масларковски, а сега и адвокатот Менкиноски.

    По најмалку пет одложувања на рочиштата, врз основа на овој член, Масларковски е прогласен за виновен и осуден на глоба од 200 евра. Ова само по себе е нелогично, со оглед на тоа што „запретената казна“ во самиот член се движи од 1.000 до 1.500 евра. Зошто судијата „самоволно“ ја смалил казната? Самото тоа укажува на несигурност кај судијата и на конфузијата во Законот за прекршоци.

    Ако се толкува овој член доследно, произлегува дека во Македонија е забранета употреба на сите знамиња и грбови кои „не се пропишани со закон“, знамиња на организации, фудбалски клубови, здруженија на граѓани, па дури и на фирми, зашто и тие не се „пропишани со закон“. Очигледно, нешто не е во ред со самиот законски член и наместо на адвокатот Менкиноски, треба што поскоро да му се „суди“ на Законот за прекршоци.

    Нашите судии не сакаат да си прават проблеми себе си, па им создаваат проблеми на другите

    Светомир ШкариќПрофесор

    Професорот Шкариќ вели дека судиите не треба да се држат само до параграфите на законот, туку треба да размислуваат за нивната интерпретација.

    – И судиите не размислуваат. Судијата треба да е слободен во интерпретација и да има совест, зашто преку своите пресуди тој создава свое право, судско право и тоа е вистинското право. Тој треба да оцени што е праведно, а што е неправедно, зашто подобро од другите го познава правото, има совест и чувство за правда. Затоа постојат судии. На нашите судии им е најлесно и најсигурно да се држат до формалното право, иако тоа често пати е не-право. Во законските членови често се крие кривецот, односно „крадецот“. Но, нашите судии не сакаат да си прават проблеми себе си, па им создаваат проблеми на другите – вели пензионираниот професор по уставно право.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img