Имаме ограничен буџет, далеку помал од нашата реална потреба за набавка на терапија. Нашите реални потреби сме принудени да ги вклопиме во лимитирани финансиски рамки, рече д-р Виолета Клисарова, в.д. медицински директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија која денеска сведочи на седница на собраниската Анкетна комисија за истражување на работата на Клиниката.
Таа посочи дека постојано укажувала до Владата и до Министерството за здравство за агонијата во која е доведена Клиниката. Клисарова работи 20 години на Онкологија, а за в.д. директорка е назначена на 2 ноември минатата година.
Таа рече дека ги вратила редовните стручни состаноци, кои порано ги имало, па биле прекинати, формирала онколошки конзилиум уште првиот месец од именувањето, сакала да постигне рационалност во препишувањето лекови со висока цена, по строго определени критериуми според медицина базирана на докази и ги апдејтирала онколошките протоколи.
Клисарова истакна дека најсериозен проблем со кој се соочила во управувањето со ресурси е нивната ограниченост наспроти неограничениот број пациенти кој секој ден се зголемува. Поради зголемениот квантитет, рече, доаѓаат во ситуација да го нарушат правото на пациентите за навремена здравствена грижа.
Таа смета дека е крајно време да профункционира дисперзијата во лекување на пациентите со малигни заболувања за што рече дека нивните молби кон други клинички болници со радиотерапија во земјава не вродиле со плод. Клисарова посочи дека Клиничката болница Битола има радиотераписки апарат што не работи, има кадар и опрема, а третира мал број пациенти. И клиничките болници во Штип и во Тетово имаат специјалисти радиотерапевти онколози. ГОБ „8 Септември“ има радиотераписки апарат што Онкологија го нема и за таа услуга ги испраќа пациентите во странство.
– Дисперзијата мора да биде овозможена и поддржана од државата за клиники каде што се воспоставиле услови и кои имаат кадар и опрема. Мислам дека таму каде што има ресурси и кадар, треба да има институционален притисок врз овие институции – рече Клисарова.
Таа укажа дека во пораст е бројот на болни со малигни заболувања и дека често значаен дел се во метастатска фаза. Тоа, според неа, треба да биде аларм за државата да се фокусира на превенција на малигните болести.
Директорката апелира до истражните органи што поскоро да заврши постапката со утврдување на злоупотребата на Клиниката и ако се утврди вина, да се именуваат виновниците и да се отфрли колективната вина која е надвисната над Клиниката во која работат професионални и одговорни лица.
– Се создаде недоверба кон Клиниката, паника во јавноста и меѓу нашите пациенти. Не им е доволна маката со тежината на болеста, туку сега имаат и несигурност како ќе бидат третирани – додаде директорката на Онкологија.