Најмалку седум лица загинаа, а неколку се водат за исчезнати во поплавите во Грција, Турција и Бугарија, по страшната бура што го опустоши Балканот.
Поради рекордни врнежи, грчката полиција го затвори сообраќајот во градот Волос во центарот на земјата, областа околу планината Пелиј, која се наоѓа во близина на Волос и на блискиот остров Скијатос. Дождовите предизвикаа поплави во Грција кои однесоа најмалку еден живот. Пет лица од тоа подрачје се сметаат за исчезнати, а се сомневаат дека ги однела надојдените води.
Грчките власти ги предупредија жителите на централниот дел на земјата – островската група Споради и островот Евија – да бидат внимателни кога ги напуштаат своите домови.
Потоците што течат околу Пелиј се излеале од нивните корита и ги однеле автомобилите во морето. Поплавите предизвикаа одрони на камења кои ги блокираа патиштата и уништија мал мост. Неколку населени места останаа без струја.
Грчките метеоролози соопштија дека 75,4 сантиметри дожд паднале доцна во вторникот во село во близина на Пелиј – најмногу од 2006 година. Метеоролозите посочуваат дека во Атина во просек годишно паѓаат приближно 40 сантиметри дожд.
Грчкиот министер за климатски кризи и цивилна заштита Василис Кикилијас изјави дека интензитетот на невремето се очекува да се намали во наредните денови. Тој ги советуваше жителите на најзагрозените подрачја да не ги напуштаат своите домови.
Грчкиот претседател Киријакос Мицотакис смета дека климатските промени се виновни и за невремето и за пожарите кои неодамна ја опустошија Грција и во кои настрадаа повеќе од 20 луѓе. Мицотакис призна дека неговата влада не реагирала соодветно на пожарите.
– Се плашам дека повеќе нема да имаме безгрижни лета и дека следното ќе биде тешко – изјави грчкиот премиер.