Одбраната на обвинетите во случајот „Меѓународен сојуз“ денеска во Апелацискиот суд Скопје побара да се уважат нивните жалби со кои осудителната пресудата против Бојан Јовановски и останатите обвинети ја посочуваат како неоснована. Јавниот обвинител, од друга страна, побара дел од жалбите да се отфрлат како неосновани.
Според адвокатот на одбраната Сашко Дуковски, и сѐ да е во ред со оваа пресуда, никој не може да гарантира дека судијата од првостепениот суд бил непристрасен.
– Не може да се занемари фактот дека судијата побарал да биде изземен од судењето во првостепениот суд, бидејќи учествувал во Судечкиот совет во случајот „Рекет“, кој исто така се однесува на обвинетиот Бојан Јовановски, но не бил изземан и продолжил да постапува по предметот – посочи Дуковски.
Дуковски, адвокатот Владимир Туфегџиќ и обвинетиот Бојан Јовановски, во своите излагања пред Судот, укажаа на повеќе повредени права во текот на првостепената пресуда и неправилно толкување на докази, поради кои, сметаат дека истата треба да се укине.
Обвинетиот Бојан Јовановски во своето излагање побара фер и правично судење.
– Согласен сум со образложението на моите бранители. Единствено што барам е да имам можност за фер судење пред непристрасен суд каде што на фер начин ќе може да се докаже мојата невиност – рече Јовановски.
Ослободителна пресуда побара и бранителот на обвинетата Јасна Херцеговиќ, Стеван Павлевски, според кој нема елементи за кривично дело измама.
– Бидејќи нема елементи за измама, нема елементи ниту за перење пари – посочи Павлевски.
Јавниот обвинител Бурим Рустеми го кломентираше аргументот на адвокатот Дуковски и посочи дека, според него, тоа не претставува повреда.
– Ова не е повреда бидејќи не станува збор за поврзан кривично-правен настан – рече обвинителот.
Според него, сосема јасно е дека оштетените се доведени во заблуда, и тоа, како што рече, воопшто не е спорно.
– Во овој кривично-правен настан има многу јасни кривични правни дејствија – посочи обвинителот.
Рустеми побара жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани, пресудата за обвинетата Фросина Ременски да се потврди, а жалбата на обвинетата Јасна Херцеговиќ да се уважи како основана во делот за кривичното дело измама.
Судењето за „Меѓународен сојуз“ заврши на 7 април 2022 година со пресуда од вкупно 14 години затвор за обвинетите, со парична казна од еден милион денари за правното лице „Меѓународен сојуз“, условна казна од 2 години за обвинетиот Миле Јовановски, а обвинетите Фросина Ташевска Ременски и Христина Блажевска беа ослободени од обвнението за „измама“.
Пресудата на Апелацискиот суд ќе биде дополнително објавена.