Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) констатира дека нема основа за постапување по пријавата за судир на интереси и за корупција при именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.
На денешната седница, Антикорупциската комисија утврди дека Христовски ги исполнува условите за именување според Законот за АНБ. Антикорупционерите истакнаа дека немаат надлежност за директна експертиза на дел од документите.
Според пријавите, постоеја сомневања за законитоста на безбедносната проверка на Христовски, валидноста на неговата дипломата за високо образование, сертификатот за познавање на англискиот јазик и за неговото работно искуство. Подносителите на пријавите бараа ДКСК да ги преземе сите потребни дејствија за утврдување на одговорност за корупција и за судир на интереси.
Согласно образложанието на ДКСК, антикорупционерите побарале и им биле доставени податоци од надлежните институции, од кои утврдиле дека апликантот Христовски до Владата доставил уверение за државјанство, уверение за завршени студии за високо образование 7-ми степен, одлука за одбрана на магистерски труд, уверение за испити положени од прв циклус, доказ за работно искуство, доказ за познавање на англиски јазик, како и изјави дека нема забрани за вршење професија, ниту привремена мерка за вршење дејност и изјави дека не е член на политичка партија и дека не му е утврдено постоење судир на интереси.
Според ДКСК, сите доставени податоци се во насока на исполнување на критериумите.
Како што посочи членот на Комисијата Цвета Ристовска, исполнет е условот за македонско државјанство, условот да нема државјанство на друга држава, како и условот за положени испити.
– Врз основа на сомнежите за валидноста на приложените документи, ДКСК постапувајќи по своите надлежности побара вонреден инспекциски надзор од Државниот просветен инспекторат во наведениот факултет, со цел да се проверат приложените уверенија и дипломи за стекнати 240, односно 180 кредити. ДПИ постапи и достави допис во кој се констатира дека нема неправилност во работењеото на универзитетот, односно приложените уверенија и дипломи се издадени во согласност со законските прописи – рече таа Ристовска.
Во врска со условот за 12 години искуство од кои 5 години на раководни функции, од ДКСК информираа дека од страна на Владата е доставен доказ дека има работно искуство.
– Со прилози од Агенцијата за вработување, договори за вработување и решенија за негово именување, лицето ги исполнува законските барања за работно искуство – дополни Ристовска.
Во врска со условот да поседува еден од меѓународно признатите сертификати за познавање на англиски јазик, не постар од 5 години, од ДКСК посочија дека лицето поднело сертификат издаден во 2022 година, кој формално-правно ги исполнува законските критериуми.
– Во врска со сомневањето за автентичноста за наведениот сертификат, ДКСК истакнува дека нема овластување да проверува и да утврдува автентичност на документите кои бараат експертиза надвор од надлежностите на ДКСК, согласно закон. Надлежноста е на Основно јавно обвинителство каде што е доставена кривична пријава, а документот е валиден додека не се докаже спротивното – посочи Ристовска.
Според ДКСК, валидни се и условите да не му е изречена забрана за вршење професија, да не е член на политичка партија и да има исполнето безбедносна проверка.
– Од Владата беше доставен доказ дека е спроведена безбедносна проверка, дека лицето има сертификат за безбедносни информации. Безбедносната проверка била спроведена за неговото претходно работно ангажирање во МВР. Овој сертификат ги задоволува условите до моментот на преземање на функцијата директор. Со преземањето е спроведено тестирање со степен на доверливост државна тајна. Спроведувањето на оваа процедура дополнително ја потврдува усогласеноста на лицето со функцијата – рече Ристовска.
Во врска со условот да не е поведена постапка за постоење на судир на интереси, во документацијата е доставена изјава со која Христовски изјавува дека не му е утврдено постоење на судир на интереси, а ДКСК смета дека е исполнет и тој услов.
Одлуката на ДКСК следува откако по именувањето на директорот на АНБ, Бојан Христовски, му беа оспорен сертификатот за англиски јазик, за кој постоеја сомневања дека е издаден од неовластено јазично студио во Пловдив, Бугарија, дипломата за високо образование од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, за која имаше сомневања за валидноста, како и документите за работното искуство, во врска со кои се постави прашање дали Христовски има доволно години стаж на раководни позиции, како што е предвидено со законските услови. Овие сомневања беа предмет на истрага од страна на ДКСК и други надлежни институции.