Италијанските и англиските медиуми во вторник пренесуваат како Сампдорија и италијанскиот тренер Андреа Пирло, поранешна ѕвезда на италијанскиот фудбал, се договориле за соработка.
Во текот на неделата Пирло треба и официјално да биде претставен во клубот кој по долга серија години се лизна од Серија А во Серија Б. Минатата сезона Сампдорија го зазеде последното место на прволигашката табела.
Пирло, поранешна ѕвезда на италијанската репрезентација, како и на Интер, Милан и Јувентус, ќе се врати во Италија како тренер. Неговата тренерска кариера започна во Јувентус, каде прво беше тренер на тимот до 23 години, а потоа и на првиот тим во текот на 2020 и 2021 година. Втората работа му беше во турскиот прволигаш Фатих Карагумрук.
Според медиумите, Пирло ќе потпише двегодишен договор со можност за продолжување на уште една сезона. Пирло на оваа позиција ќе го замени легендарниот српски фудбалер Дејан Станковиќ.