Иако Реал остави добар впечаток славејќи со 4:0 против Осасуна, невозможно е да се заборават болните порази од Барселона во Ел Класико и Милан во Лигата на шампионите.
Повреди го мачат и тимот на Анчелоти, претходно на листата на повредени се најдоа Давид Алаба и Дани Карвахал, а викендов им се приклучија Родриго, Едер Милитао и Лукас Васкез. Најкритично повреден е Милитао, за кого сезоната најверојатно е завршена, со оглед на тоа што се работи за целосно кинење на предните вкрстени лигаменти на десното колено.
Иако пред неколку недели не се размислуваше за доведување засилувања во зима, сега мадридскиот тим започна интензивна потрага.
Во понеделникот се појавија вести дека Серхио Рамос, 38-годишната икона на Реал кој го напушти клубот во 2021 година, би можел да се врати на Бернабеу. Неговото враќање е можеби наједноставната опција за кралскиот клуб бидејќи од јули годинава е без клуб, но прашање е колку може да му помогне на тимот бидејќи не се знае во каква форма се наоѓа.
Сепак, тимот би можел многу повеќе да има корист од двајцата Шпанци кои сега медиумите ги споменуваат како потенцијални засилувања. Станува збор за 22-годишниот Рафа Марино, играч на Наполи кој не може да си го најде своето место во стартниот тим на тренерот Конте и Марио Гила, 24-годишниот играч на Лацио, роден во Барселона.