Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини за 100% ја поскапе цената за експлоатација на природните ресурси. Новите цени ќе важат од 1 јануари, а целта е, како што наведува Министерството, да се воведе ред во користењето на националните богатства и да има фер наплата.
Со измените во тарифниците за утврдување на висината на надоместоците за издавање дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, надоместоците за минерални суровини ќе се зголемат двојно, со што значајно ќе се зголемат приходите за државата.
„За користење на просторот за експлоатација, надоместокот се зголемува за околу 30%. За експлоатација на мермер надоместокот ќе изнесува 5% од приходот од продадената минерална суровина, наместо досегашниот процент од фиктивна цена. За металични минерални суровини надоместокот се зголемува од досегашните 2% на 4%, а за неметалични минерални суровини се зголемува во просек над 100%. Измените не ги засегаат надоместоците за енергетски минерални суровини, како јагленот, со цел да се спречи дополнителен раст на цената на електричната енергија“, соопшти Министерството за енергетика.
Министерката Сања Божиновска на брифинг со новинарите неодамна рече дека за експлоатација на мермер во зависност од квалитетот, треба да се наплаќа од 3.000 до 17.000 денари по тон и дека необјасниво е како сите концесионери го плаќаат најмалиот надоместок од 3.000 денари од тон.
За таа цел, Божиновска најави дека ќе се преиспитува и површината што се експлоатира. Министерството ќе набави шест нови возила со кои ќе се оди на терен, а во соработка со Рударскиот институт од Штип кој има дронови ќе се скенира теренот.
– Издадени се 343 концесии во државата. На терен нема никакви контроли и владее целосна анархија – рече министерката, која најави дека наскоро ќе се носи Закон за минерални суровини.
Со оваа мерка, се додава во соопштението, годишниот приход од концесиските надоместоци, кој моментално изнесува околу 10 милиони евра, значително ќе се зголеми, а парите ќе бидат насочени кон подобрување на јавните услуги и поддршка на економскиот развој.
– Со новите измени обезбедуваме фер наплата за користење на нашите национални богатства, го штитиме одржливиот развој и гарантираме придобивки за сите, и за државата и за приватниот сектор – изјави министерката Сања Божиновска.
Министерството, се додава, се раководеше од детална анализа на регионалните и светските практики, како и од препораките од Државниот завод за ревизија. Извештајот на ДЗР од април 2024 година потенцира дека концесиските надоместоци во Македонија се најниски во регионот, што ја поттикна потребата за измени.
Државен завод за ревизија констатира дека од концесија за доделување на површини за експлоатација на руда, државата во периодот од 2018 до 2022 наплатила само 45 милиони евра. Иако компании прават огромни профити од експлоатација на квалитетен мермер во Македонија, од тоа се наплатени само 1,7 милиони евра за отстапување на националниот ресурс во период од овие четири години.
Министерството продолжува со залагањата за фер управување со природните ресурси и со зајакнување на економските придобивки од нивната експлоатација, се вели во соопштението.
Во образложението на оваа одлука се вели дека Министерството направило компаративна анализа за висината на концесиските надоместоци од експлоатација на минерални суровини во Македонија со соседните држави.
„Концсесиските надоместоци за металачни минерални суровини се убедливо најниски во регионот и воопшто во светот. Висините на тие надоместоци ширум светот генерално се движат од 4% до 10%, додека кај нас е само 2%. Друга земја која е со толку низок процент е само Романија, но таа има изразито висок надомест за користење на просторот за експлотација на минералните суровини. Карактеристично е што во земји како Австралија и САД овој надоместок се движи од 2 до 5 %, така што најнискиот надоместок е во нивните најоддалечени области каде што нема инфрастуктура, а надоместокот во развиените области е 5%“, се вели во образложението на одлуката за поскапување.
Надоместоците за металични минерални суровини, се додава, последен пат биле постепено зголемувани во периодот од 2007 до 2010 година, од 0,5 % до 2%.
„Концесиските надоместоци за неметалични минерални суровини се исто така убедливо најниски во регионот и воопшто во светот. Начинот на преметка во различни земји е многу различен, но најчестиот е процент од пазарната вредност и се движи од 3% до 10% или од приходот од продадената минерална суровина (5% од приходот). Кај нас се пресметува како процент од одредена утврдена цена. Ваквиот начин на пресметка е неправеден, посебно кај концесионерите за мермер, бидејќи тие имаат утврдена иста цена за комерцијален блок, иако нивната пазарна вредност варира и на тој начин се оштетени концесионерите кои произведуваат комерцијални блокови со помал квалитет. Поради тоа што последната измена на надоместоците за неметалични минерални суровини е направена во 2020 година, а оттогаш досега имаше висока инфлација, направено е зголемување на надоместоците за сите неметалични минерални суровини во просек од околу 100%, додека за мермерите е направено плаќањето да се врши 5% од приходот од продадената минерална суровина во било кој облик“, се вели во образложението.