На сите војни им доаѓа крајот. Така ќе биде и со овој крвав конфликт меѓу Русија и Украина. Форин аферс во својата анализа пишува дека моментот за воспоставување нов поредок не е кога официјално ќе заврши војната, туку токму сега.
Аналитичарите за надворешни работи ја наведуваат Втората светска војна како одличен пример, кога сојузничките лидери почнаа да размислуваат за мирно време уште пред конечниот триумф. На конференциите во Техеран, Јалта, Потсдам и на други места, тие разговараа за предлози и правеа планови за создавање меѓународни институции кои би можеле да спречат нова војна.
Сличен напор е потребен и денеска, се вели во анализата. Западните лидери мора да развијат безбедносни механизми и да разгледаат стратегии за помош на Украина и управување со идните односи со Русија. Украина треба да се внесе во демократскиот свет и да се зајакне за да може да се спротивстави на идната руска агресија. Потребна е и некаква западна воена заштита. Но, креаторите на политиката исто така треба пошироко да размислат за улогата на Русија во повоениот поредок.
На нацијата и е потребна конструктивна визија, а не само план за да се ограничат нејзините најлоши пориви. Ако по завршувањето на војната Русија трајно биде исфрлена од меѓународната заедница, таа ќе биде бесна и понижена и со тоа ќе остане закана, предупредуваат аналитичарите.
Прашањето е, како Путин, неговата воена машина и неговиот империјален начин на размислување треба да бидат поразени, додека Западот исто така обезбедува долгорочен мир со Москва?
Нов светски сојуз
Форин аферс верува дека еден начин да се направи тоа е да се создаде нова безбедносна заедница. За оваа прилика ја нарекоа Атлантско-азиска безбедносна заедница (ААСЗ). Тоа би го сочинувале членки на НАТО, како и Украина, но и сите неутрални земји кои сакаат да му се приклучат. Откако режимот на Путин ќе падне и ќе биде заменет со влада посветена на мирот, Русија исто така треба да има право да се приклучи, се надеваат аналитичарите на Форин аферс.
На долг рок, ААСЗ би можел да игра улога слична на онаа на НАТО, но краткорочно нејзината главна задача треба да биде да го следи и легитимира пристапот на западните воени трупи до украинската територија.
Овие трупи, од членки на НАТО, како и од земји кои не се членки на НАТО, треба да ги следат активностите на руските војници, да помагаат во обуката на украинските вооружени сили и да го следат секој иден мировен договор. Оваа мисија може да ја води офицер кој не припаѓа на членка на НАТО. Тој може да биде, на пример, од Индија или некоја друга земја која се смета за неутрална. Но, подеднакво, според анализите, во таа операција мора да бидат вклучени и американски војници. Ништо освен американските чизми на теренот не може да ја осигура демократската иднина на Украина.
Не смее да има импровизација
Со цел јасно да се разликува од НАТО, алијансата AASZ не треба да ги обврзува земјите-членки да се бранат меѓусебно во случај на напад. ААСЗ треба да спроведува стратешко планирање, да спроведува редовни воени вежби и да споделува доверливи материјали меѓу своите членови. Покрај заштитата на Украина во случај на нова војна, алијансата би можела да има и други задачи, доколку нејзините членки одлучат да го сторат тоа. На пример, може да учествува во спроведувањето на идниот мировен договор меѓу Ерменија и Азербејџан, да помогне во мигрантските кризи или да се справи со терористичките закани.
Кога станува збор за безбедноста во Европа, со текот на времето вака замислениот сојуз AASZ можеби би можел да ја надмине важноста на НАТО. Сепак, во блиска иднина, главната цел на ААСЗ треба да биде следење и координирање на најмалку неколку илјади меѓународни војници и набљудувачи на украинска територија, се наведува понатаму во анализата.
На крајот на 2023 година, или можеби ќе биде 2024 година, војната може да почне да изгледа залудна за Москва, како и за Киев. Западните креатори на политики мора да имаат нова визија за регионот. Прашањата се премногу сложени за да бидат импровизирани откако ќе започнат мировните разговори, заклучува анализата на Форин аферс.