Мораме сите да вложиме повеќе напори за да продолжиме со преговарачкиот процес и да најдеме компромис и решенија, изјави Александар Вучиќ, претседател на Република Србија, коментирајќи ги односите со Косово.
Вучиќ гостуваше на американската телевизија „Њузмакс“, одговарајќи на бројни прашања, меѓу кои и односите меѓу Белград и Приштина и војната меѓу Русија и Украина.
„Верувам дека успешно ја деескалиравме ситуацијата со која се соочувавме пред неколку недели. Но, сите треба да вложиме повеќе напори за да продолжиме со преговарачкиот процес и да најдеме компромис и решенија. Се надевам дека и другата страна ќе ја разбере можноста да се постигне компактно решение, кое е секогаш подобро од употребата на оружје и сè друго што го гледаме во денешниот свет“, рече Вучиќ.
Потоа се осврна на односите на Србија со Русија и ставот на Белград за војната во Украина.
„Отсекогаш сме имале традиционално добри односи со Русија, но и со Украина. Секогаш сме го поддржувале територијалниот интегритет на сите земји во светот, постапувавме во согласност со повелбата и резолуциите на ОН и затоа го осудивме упадот и инвазијата на почетокот на војната во Украина. Во исто време, ние имаме поинаков однос кон Русија за некои други прашања, бидејќи мораме да ги оцениме сите можности како да го подобриме нашиот енергетски сектор, како да ги диверзифицираме нашите извори на снабдување со енергија“, рече Вучиќ.
На новинарско прашање дали рускиот претседател Владимир Путин „блефира“ во изјавата што ја даде за време на неговото обраќање до нацијата кога многу сериозно му се закануваше на Западот, Вучиќ одговори:
„Како претседател на Србија, можам да кажам дека се надевам дека мирот ќе надвладее и се надеваме дека сите ќе дадат се од себе за да се дојде до компромисно решение, бидејќи тоа е подобро отколку да се чека пораз на другата страна. Многупати сум се сретнал со господинот Путин и не верувам дека блефира“, изјави Вучиќ.
Рускиот претседател Владимир Путин утрово и се обрати на нацијата, првпат од почетокот на војната во Украина, најавувајќи делумна мобилизација.
„Во својата агресивна антируска политика, Западот ги премина сите граници“, рече рускиот претседател и го обвини Западот дека планира да ја уништи Русија.
„Имаме и оружје за масовно уништување, помодерно од НАТО. Ако нашите луѓе треба да бидат заштитени, ние ќе ги заштитиме. Не блефирам“, рече Путин.