Американското разузнавање истражува повеќе од 500 извештаи за неидентификувани летечки објекти (НЛО), се вели во извештајот објавен синоќа. Во него се наведува дека иако многу од НЛО се покажало дека се беспилотни летала или балони, природата на стотиците останува непозната.
Од последниот извештај на Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ДНИ) во јуни 2021 година, во кој се вели дека веќе биле истражени 144 НЛО, пријавени се најмалку 247 неидентификувани воздушни феномени.
На таа бројка се додадени 119 случаи на мистериозни видувања на авиони пронајдени во архивите собрани повеќе од дваесет години. Така, вкупниот број на случаи е 510.
Повеќето од новите феномени биле забележани од пилоти на американската морнарица и воздухопловни сили, соопшти американското разузнавање.
Меѓу нив, речиси 200 имаат сосема банално објаснување. Се покажа дека станува збор за балони, беспилотни летала или загадување на воздухот, птици, временски феномени или пластични кеси што ги пренесува ветрот.
Други, пак, немаат објаснување, според некласифицираното резиме на директоратот доставено до Конгресот.
Нерешените случаи будно ги следат Пентагон, американските разузнавачки агенции и НАСА. Причината не е стравот од НЛО, туку шпионскиот капацитет на конкурентските земји.
„Неидентификуваните воздушни феномени продолжуваат да претставуваат ризик за безбедноста на авијацијата и потенцијална закана за собирање разузнавачки информации” од непријателските земји, се вели во извештајот.
Во јуни, НАСА објави почеток на долгорочно проучување на објекти кои се движат невообичаено или многу брзо во атмосферата за што не може да се најде објаснување.
Пентагон создаде канцеларија во ноември 2021 година за да се занимава со собирање и анализа на сите информации за НЛО, со оглед на зголемениот притисок од Конгресот на таа тема.
ФОТО:МИА