Американскиот пазар на акции ги доживеа своите најдобри денови, а сега доаѓаат понатамошни падови на цените на акциите, државните обврзници и доларот, предупредува Кристофер Вуд, главен стратег за акции во Jefferies Financial Group.
-Америка го достигна својот рекорден максимум во декември. Доларот започна долгорочен тренд на слабеење, а тоа ќе ја намали пазарната капитализација на американските акции во однос на остатокот од светот – вели Вуд, споредувајќи го со јапонскиот пазар во 1989 година.
Вуд им советува на инвеститорите да ги диверзифицираат своите портфолија со инвестирање во средства во Кина, Индија и Европа.
Песимистичкиот поглед на искусниот стратег за американскиот пазар го одразува растечкиот глобален скептицизам кон доминацијата на американскиот пазар, особено со оглед на хаотичното спроведување на царинските политики под водство на американскиот претседател Доналд Трамп.
-Акциите на САД сочинуваат приближно 60 до 70% од глобалната пазарна капитализација, но нивниот економски придонес кон глобалното богатство е непропорционален. Ова е исклучително висока проценка во споредба со другите пазари. Јапонските акции беа исто така екстремно преценети кон крајот на 1989 година – забележува Вуд, пренесе Times Of India.
Американските акции речиси влегоа во „мечкин пазар“ – фаза во која цените паѓаат за повеќе од 20% од нивниот врв, што често се смета за знак за сериозна корекција или почеток на рецесија. Иако референтниот индекс S&P 500 делумно се опорави од своите најниски нивоа овие денови, тој сè уште е во пад од 8,6% од почетокот на годината. Така, заостанува зад берзите во Европа и Кина, кои забележаа подобар раст и постабилни перформанси во истиот период.
Вуд коментира дека САД паѓаат во однос на другите економии во светот.
-Не само што САД паѓаат, туку Европа, Кина и Индија одат нагоре – вели тој.
Според него, повеќето меѓународни инвеститори не се доволно отворени кон Индија. Секој што инвестира на пазарите во развој обично има удел во Индија.
-Но, мислам дека глобалните фондови треба да инвестираат и во Индија – вели тој.
Кристофер Вуд е ветеран во финансиската индустрија со долга кариера во финансиското новинарство и анализата на пазарот, и можеби е најпознат по своето независно размислување и проницливите прогнози. Тој беше еден од ретките кои навреме предупредија за колапсот на американскиот пазар на хипотекарни кредити – верижна реакција што во 2008 година ја предизвика најголемата глобална финансиска криза од Големата депресија.