Американската потпретседателка Камала Харис го изрази својот сомнеж за членството на Украина во НАТО. Во интервју за 60 минути на Си-Би-Ес Харис го избегна прашањето дали земјата треба да се приклучи на воениот сојуз. Таа не кажа дали Алијансата треба да се прошири, пренесува Дејли Телеграф.
– Со сите тие прашања ќе се занимаваме ако и кога ќе дојде до тој момент. Во моментов, ние ја поддржуваме способноста на Украина да се брани од неиспровоцираната агресија на Русија.
Официјалниот став на Соединетите Американски Држави од 2008 година е дека Украина треба да биде членка на НАТО.
Ставот на Камала се коси и со ставот на американскиот претседател Џо Бајден кој лани во Вилнус изјави дека „иднината на Украина е во НАТО“.
Неодамна словачкиот премиер Роберт Фицо вети дека ќе го блокира влезот на Украина во НАТО сѐ додека е на чело на словачката Влада.
Исто така, Харис синоќа изјави дека нема да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин за да разговара за војната во Украина, доколку на таа средба не бидат присутни и претставници на Киев.
– Украина е таа која се прашува за иднината на Украина – рече таа навестувајќи дека нема да има директна билатерлна средба со Путин.
Таа тврдеше дека нејзиниот републикански ривал Доналд Трамп ќе му ја „предаде“ Украина на Владимир Путин, рускиот лидер за кого тој постојано изразува восхит.
Американската потпретседателка му рече на водителот Бил Витакер дека ако Трамп беше претседател, Путин „ќе седеше во Киев во моментов“.
Харис, која ќе се трка за претседател на САД на 5 ноември со својот соперник Доналд Трамп од Републиканската партија, одби да каже дали го смета Бенјамин Нетанјаху, израелскиот премиер, „вистински близок сојузник“.
Американската потпретседателка претходно беше обвинета дека го „бојкотирала“ говорот на Нетанјаху во американскиот Конгрес кога тој го посети Вашингтон ова лето. Харис тогаш се сретна приватно со Нетанјаху после говорот.
– Посуштинско прашање е дали имаме битен сојуз меѓу американскиот народ и израелскиот народ? И одговорот на тоа прашање е „да“ – рече Харис.
ТРАМП ЛАЖЕЛ ЗА УРАГАНОТ ХЕЛЕНА?
Американската потпретседателка Камала Харис го нарече поранешниот шеф на државата Доналд Трамп „крајно неодговорен“, бидејќи, како што рече, „шири лаги за владиниот одговор на ураганот Хелена“.
– Има многу лаги и дезинформации кои се шират од страна на поранешниот претседател за тоа што се обезбедува, особено за преживеаните од Хелена. Тоа е крајно неодговорно – им рече Харис на новинарите пред да се качи на претседателскиот авион за да полета за Њујорк.
Ураганот Хелена уби повеќе од 220 луѓе во шест американски држави додека ураганот Милтон се приближува до брегот на Флорида.