Американската морнарица објави снимка за која вели дека покажува „ небезбеден кинески маневар во Тајванскиот теснец во кој брод на кинеската морнарица остро го отсече патот на американски разурнувач “. Тие тврдат дека тоа се случило за време на викендот и дека американскиот брод морал да ја намали брзината за да избегне судир.
САД велат дека инцидентот се случил во саботата додека американскиот разурнувач УСС Чунг-Хун и канадската фрегата ХМЦС Монтреал вршеле таканаречен транзит на „слободна навигација“ низ теснецот меѓу Тајван и континентална Кина, пишува Асошиејтед Прес.
Кинескиот брод, кој инаку со себе носи наведувачки ракети, намерно скршнал 137 метри од својот курс, а потоа се придвижил паралелно со американскиот колега.
„Американскиот разурнувач го задржа својот курс, но ја намали брзината на 10 јазли за да избегне судир “, соопшти војската.
Американците неодамна ја обвинија Кина дека исто така спроведува непотребно агресивни маневри во воздухот , велејќи дека кинески борбен авион Ј-16 летал директно пред носот на извидувачки авион на американските воздухопловни сили над Јужното Кинеско Море кон крајот на минатиот месец.
Инцидентот во Тајванскиот теснец се случи на ден кога и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и кинескиот министер за одбрана генералот Ли Шангфу беа во Сингапур на годишна конференција за одбрана.