„Вчера господинот Додик објави дека Владата на Република Српска донела официјална одлука да предложи „разделување“ на Република Српска од Босна и Херцеговина. Со други зборови, тоа значи отцепување на РС, тоа е опасно, неодговорна, антидејтонска акција која го става на ризик територијалниот интегритет, суверенитет и мултиетничкиот карактер на БиХ, а тоа се клучните интереси на САД“, соопшти утрово американската амбасада во БиХ.
Како што понатаму наведуваат во соопштението, САД ќе ги бранат и штитат своите интереси.
„САД ќе ги бранат и штитат, меѓу другото, со тоа што ќе ги повикаат на одговорност оние што ги изложуваат на ризик. Г-дин Додик и Владата на РС се обидоа да ја објаснат оваа одлука со група лаги и дезинформации дизајнирани да ја исплашат јавноста во РС да ги следи по овој опасен пат“.
Тие додаваат дека нема „меѓународен заговор за укинување на РС“.
„Фактите се едноставни и јасни. Не постои меѓународен заговор за укинување на РС, а господинот Додик не може да издвои ниту една изјава на ниту еден американски функционер кој повикува на укинување на РС. БиХ не е унија на два ентитета. Како што е експлицитно наведено во Дејтонскиот мировен договор и Уставот на БиХ, БиХ е држава наследничка на Република Босна и Херцеговина“.
„Уставот на Босна и Херцеговина не дава право на отцепување или „разединување“ ниту на ентитетите ниту на која било пониска административна единица. РС може да постои само во рамките на Босна и Херцеговина. Отцепувањето или „обединувањето“ на РС не значи независност на РС или крај на Босна и Херцеговина, туку крај на РС“, наведуваат од Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина и додаваат.
„Активностите на господинот Додик ја ставаат во опасност иднината во евроатлантските институции што ја посакуваат граѓаните на Босна и Херцеговина, вклучително и РС. Патот што тој го предлага ќе обезбеди граѓаните на РС, нивните деца и внуци да немаат мирен, просперитетен живот во демократијата каков што заслужуваат“.
Да потсетиме, Милорад Додик вчера во својот говор најави дека документот за „разделување“ ќе им го испрати на колегите од ФБиХ бидејќи „вака повеќе не може“.