Алтернатива не сака да отстапи министерско место за Алијанса за Албанците, па од партијата на Африм Гаши бараат СДСМ да го почитува договореното и да ги задржат министерските позиции во здравство, информатичко општество и без ресор за дијаспора кои ги добија лани, изјавиле од Алтернатива за Канал 5.
Од партијата на Гаши за Канал 5 велат дека не гледаат потреба за проширување на владиното мнозинство, а целта на преговорите со Арбен Таравари е ДУИ да си ја зацврсти позицијата во случај огнената група да му откаже доверба на Ахмети.
– Единствена измена е стравот на ДУИ бидејќи постои можност партијата на Али Ахмети да остане без „огнените пратеници“. Во тој случај ДУИ ќе бара некоја резервна гума, а дали Алијанса ќе прифати да биде тој елемент, тоа е нивна одлука. Секако, за Алтернатива е важно да продолжи интеграцискиот процес, да се реализира нашиот политички договор со СДСМ и за нас не менува ништо ако ДУИ или СДСМ сакаат да отстапат место за некоја друга партија. Тоа ќе биде нивна одлука – одговорија од Алтернатива, објави Канал 5.