До 450.000 луѓе во САД можеби развиле ретка и потенцијално опасна по живот алергиска состојба поврзана со крлежи, која се активира кога јадат црвено месо, според федералните здравствени податоци објавени оваа недела.
Синдромот на алфа-гал, понекогаш познат како алергија на црвено месо, се јавува кога крлежот наречен „осамена ѕвезда“ поради карактеристичната бела дамка на грбот, каснува личност и вбризгува молекула шеќер пронајдена во неговата плунка. Кај некои луѓе тој шеќер предизвикува алергиска реакција, која дополнително може да се активира со јадење црвено месо, вклучувајќи говедско, свинско и јагнешко месо, бидејќи месото содржи и шеќер познат како алфа-гал, пренесува Вашингтон пост.
Алергиски реакции може да предизвикаат и други прехранбени производи, како што се кравјо млеко, други млечни производи и желатин. Реакциите се движат од благи, како што се коприва и чешање, до посериозни, вклучувајќи отежнато дишење и пад на крвниот притисок.
Симптомите се појавуваат неколку часа подоцна
За разлика од многу алергиски состојби кои често се појавуваат брзо, симптомите на алергија на црвено месо обично се појавуваат два до шест часа по јадење, велат истражувачите и лекарите.
„Колку е помасно месото, толку е поголема веројатноста да има реакција“, вели Скот Коминс, алерголог и имунолог на Универзитетот во Северна Каролина во Чапел Хил.
Вежбањето и алкохолот ги влошуваат алергиите на храна, рече тој. Не е невообичаено луѓето со тешки реакции да пријават дека испиле една или две чаши вино, додаде тој.
Од 2009 година, кога научниците сфатија дека алергијата на црвено месо најверојатно е предизвикана од каснувања од крлежи, здравствените власти стануваат сè позагрижени поради зголемениот број сомнителни случаи.
Честопати потребни се повеќекратни посети на лекари, вклучително и специјалисти, за луѓето да добијат соодветна дијагноза. Тоа значи дополнителни пречки за луѓето да добијат дијагноза, рече Џоан Салцер, епидемиолог на ЦДЦ, специјализирана за болести кои се пренесуваат преку крлежи.
Ниска свест кај лекарите
Според извештајот на ЦДЦ, свеста за синдромот е ниска кај здравствените работници. Во истражувањето на 1.500 лекари минатата година, 42 отсто рекле дека никогаш не слушнале за алергиската состојба, а меѓу оние кои биле свесни за состојбата, помалку од една третина знаеле како да ја дијагностицираат.