Коалицијата ВРЕДИ на албанските опозициски партии одговори на изјавите на министерот за економија Крешник Бектеши од ДУИ кој денеска предложи сите партии во Македонија да потпишат дека ќе се повлечат од сцената ако изгубат на претстојните избори. ВРЕДИ ја повика ДУИ да избере нотар и да потпишат ваква изјава:
„На 24 април и 8 мај aлбанскиот народ ќе се потпише на потврдата за политичка пензија на Али Ахмети, Бујар Османи, Артан Груби и нивните соработници. Ваквите блеферски обиди на исплашеното раководство на ДУИ да го сокријат стравот од промените кои ќе се случат, не поминуваат никаде, бидејќи ништо повеќе не зависи од нив.
Меѓутоа, ВРЕДИ нема да дозволи ни најмал простор за сеење магла. Ги повикуваме Али Ахмети, Бујар Османи, Артан Груби да изберат нотар и тајминг каде ќе се потпишеме на изјави дека кој изгуби нема право да се занимава никогаш повеќе со политика“, се вели во соопштението на ВРЕДИ.