Актерот Пол Тил почина на 35-годишна возраст по борбата со ракот, пренесува „Дејли мејл“. Ѕвездата од популарната серија „One Tree Hill“ починала на 15 ноември, а тажната вест ја сподели неговата свршеница Емилија Торело.
„Најпромислениот, најинспиративниот, најмотивираниот, најдисциплинираниот човек полн со љубов почина во петок, 15 ноември 2024 година. Пол, ти беше мојата сродна душа, мојот иден сопруг, мојата карпа и мојата иднина. Ми ги наполни белите дробови со смеа, мојот стомак со пеперутки, а срцето со љубов. Те зедоа прерано, во борбата што храбро ја водеше без грешка. Иако дел од мене умре со тебе, ветувам дека ќе се борам да пронајдам радост во животот еднакво силно како што ти се бореше да го живееш секој ден. Светот е среќен што воопшто имаше момент со Пол Тил, а јас сум најсреќната личност во него, бидејќи можев да те нарекувам свој. Ќе те сакам засекогаш“, напишала свршеницата на Пол.
Пол се појави во седум епизоди од популарната американска серија „One Tree Hill“, која се емитуваше и беше многу популарна во целиот свет, а тоа беше негов прв актерски ангажман. Режисерот на серијата истакна дека актерот е многу добар и дека е задоволство да се работи со него.
Други телевизиски појавувања вклучуваа серии како „Добро однесување“, „Династија“, „Мртвите што одат: Светот зад себе“ и „Надворешни банки“.