Во услови кога грејната сезона сè уште не е започната, а цената на струјата на светските берзи останува висока поради кризата во Украина, државната ЕСМ направи големи набавки на струја за многу краток период. За само месец и половина се потрошени речиси 10 милиони евра на две набавки на електрична енергија. Првата набавка изнесуваше 35.000 мегаватчасови, додека втората 45.600 мегаватчасови.
Оваа ситуација ги вознемирува граѓаните, особено бидејќи ЕСМ купуваше струја и во текот на летото, кога цените се движеа околу 150 евра за мегаватчас. Сепак, количините тогаш беа многу помали од сегашните.
Зошто се набавува струја во период на мала потрошувачка?
Овие две големи набавки доаѓаат во месец кога нема голема потрошувачка на електрична енергија, бидејќи времето е пријатно и не се користат ниту клима уредите за ладење, ниту системите за греење. Ова отвора сериозно прашање: дали земјата ќе мора да увезува уште поголеми количини струја за време на зимата и тоа по многу повисоки цени?
Се очекува цената на струјата да порасне поради фактот што Украина, која порано беше извозник на струја, сега е увозник, бидејќи многу од нејзините капацитети се уништени.
Проблемите со производството на струја се алармантни?
Експертите велат дека увозот на струја во период на мала потрошувачка и по високи цени укажува на проблем со базното производство на електрична енергија, кое треба да ги балансира потребите на земјата кога обновливите извори на енергија, како ветерниците и фотоволтаиците, произведуваат помалку.
– Немаме доволно базно производство во овој период. РЕК Битола или работи со намален капацитет, или не работи воопшто, поради недостиг на јаглен, а оној што се купува е по висока цена. Хидроелектраните, поради сушата, имаат намален капацитет и мора да се чуваат за зимскиот период. Фотоволтаиците и ветерниците имаат променлив или никаков учинок. Ова е алармантна состојба – вели професорот Ристо Цицонков.
Тој додава дека оваа состојба укажува на можен ризик од криза, особено ако зимата биде постудена од вообичаеното, кога струјата ќе биде скапа и тешко достапна.
Трите блока на РЕК Битола мора да бидат во работна кондиција
Ако сега, во период на мала потрошувачка, увезуваме струја, што ќе се случи за време на зимата, кога побарувачката драстично ќе се зголеми?
Спиро Мавровски, поранешен раководител во РЕК Битола, вели дека зимата ќе биде мирна само ако трите блока во РЕК Битола се доведат во целосна работна состојба.
– Состојбата е сериозна бидејќи базното производство е намалено. Хидроелектраните се на минимум, а РЕК Битола не работи со целосен капацитет. Најчесто функционира еден или два блока, а снабдувањето со јаглен е проблематично – објаснува Мавровски.
Според него, ако не се обезбедат доволни количини јаглен и не се активираат сите блокови, зимата може да донесе сериозни проблеми во снабдувањето со електрична енергија.
Потреба од нови енергетски капацитети
И Цицонков и Мавровски истакнуваат дека е неопходно државата да се фокусира на изградба на нови енергетски капацитети за базна енергија. Според нив, проектот „Чебрен“ треба веднаш да започне, бидејќи РЕК Битола, кој го носи најголемиот товар на енергетскиот систем, полека станува неефикасен поради недостаток на јаглен.
– Сите надежи се вложени во обновливите извори на енергија, но немаме соодветни базни капацитети за да ги замениме старите електрани. Доколку не почнеме со изградба на нови капацитети, зимите ќе станат уште потешки -предупредува Цицонков.
Владата е подготвена за сите сценарија, уверува Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски ја оценува претстојната зима како „предизвикувачка“ за енергетскиот систем, но уверува дека државата е подготвена за сите сценарија. Тој нагласува дека компанијата ЕСМ работи на нормализирање на состојбите, иако се соочува со големи долгови, вклучувајќи и долг од 1,5 милијарди денари за увоз на јаглен.
– Хидрологијата е речиси на минимум, а не се направени редовните ремонти на електраните. Но, уверени сме дека ќе се справиме со предизвиците – изјави Мицкоски.
Мицкоски уверува дека работењето во АД ЕСМ е нормализирано иако компанијата наследила долг од 5 милијарди денари.