Академик Фити кажа што треба да биде приоритет на новата влада

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Забрзување на економскиот раст и развој, продолжување на евроинтеграцискиот процес и борба против корупцијата, се трите клучни приоритети на кои треба да се фокусира новата влада, смета академик Таки Фити.

Тој денеска порача дека мора да продолжат и реформите, а треба, како што изјави, и да се отвори широк фронт на борба против сивата економија.

Фити не сакаше да го коментира најавениот заем од 1 милијарда евра зашто околу тоа, рече, се уште нема никакви информации.

Во однос на инфлацијата, рече дека монетарната и фискалната политика мора да се координираат. Ако има фискална недисциплина и ако буџетот троши многу, оцени, нема централна банка што може да ја спречи инфлацијата. Ние тука, рече академик Фити, имаме проблем – големи буџетски дефицити поради кризата, големи трошења, зголемување на просечната и минималната плата надвор од движењата на продуктивноста, голема увозна зависност и поголема инфлација во однос на земјите од регионот,…

– Не може да одржиме висока ценовна, макроекономска и финансиска стабилност без дисциплинирана фискална политика. Новата влада мора да води сметка за тоа. Нејзиниот приоритет треба да биде, прво, да се забрза економскиот раст и развој, второ, да продолжи евроинтеграцискиот процес и трето, борба против корупцијата. Тоа се основните приоритети и се сосема добро профилирани или ставени на маса високо во агендата на програмата на идната влада. Голема врева меѓу економистите крена прашањето за едната милијарда. Често ме прашуваат за мислење, јас им реков – немам коментар околу тоа, а не е ни многу коректно. Новинарите инсистираат, ги прашуваат професорите, бидејќи немаме никакви информации што и како е тоа. Не е коректно многу да се прашува и за самата влада зашто веднаш почнаа да го врзуваат луѓето со милијардата од Тајван, незнаејќи за што станува збор. Не знаеме тоа што е, но ќе видиме. Тоа не би го коментирал, но се разбира дека владата треба да продолжи со реформите – подвлече Фити.

Според него, буџетот е во тешка ситуација.

– Имаме висок долг, треба да се отвори широк фронт на борба против сивата економија. Таму има огромен потенцијал да ги зголемиме буџетските приходи за да може владата полесно да управува со фискалната политика, а тоа може да ја олесни координацијата со монетарната политика – истакна академик Фити.

Се што се случува надвор, на макроекономски план, укажа, има големо значење и висока релевантност за земјава.

-Клучните предизвици за македонската економија се поврзани со она што се случи по кризата од 2007 – 2009 година. По оваа криза следуваа нови удари и падови. Кризата од 2007 – 2009 година во ЕУ се трансформираше во должничка криза, а потоа и во криза на еврото. ЕУ е битна за нас зашто е наше релевантно подрачје на увоз и извоз, но и курсот на денарот е врзан со еврото. Следуваше КОВИД-19 што направи големо затворање и на се тоа се надоврза енергетската криза. Македонија по 2008 година го изгуби фискалниот простор. До 2007-ма имавме учество на јавниот долг во БДП околу 23%, па за 5-6 години дојдовме на 26%. Денес, како резултат на двете кризи, преку 60% е учеството на јавниот долг. Прашањето е дали и колку е одржлив, што треба да правиме за да стане одржлив и кои фискални правила се применуваат – рече Фити.

- Advertisement -
Ad image

Негова препорака е Фискаланиот совет да контролира како се трошат буџетските средства, дали и колку се почитуваат основните буџетски правила – долгот да не биде поголем од 60 отсто, буџетските дефицити да се сведат на два до три проценти, за пет-шест години да дојдеме до нормално ниво на задолженост,…

Како што рече Фити, монетарната политика нема голема зависност.

-Врзани сме со централната банка, но тука има многу сериозни прашања. Кога се јави енергетската криза инфлацијата во светски размери се зголеми, каматните стапки пораснаа секаде, па и кај нас. Сега има големи дилеми кога ќе почнат да се намалуваат каматните стапки што е битно за бизнисот и за заживување на економијата. Американската централна банка е во големи тензии, тие имаат скоро 5,5 референтна каматна стапка, бизнисот таму очекуваше годинава да се намали за 1,5 процентен поен и да дојде до 4, но најавите се дека нема да се намали повеќе од 0,5 %. Европската централна банка рече дека ќе почне со намалување, но и тие се плашат да не проработи инфлацијата повторно. Ако тие почнат со намалување, нормално дека тоа нашата Централна банка ќе го следи. Од тоа што таму се случува, зависи каква ќе биде и нашата монетарна политика – објасни Фити.

- Advertisement -
Ad image

Научната расправа на тема „Макроекономијата по Големата рецесија 2007 – 2009 година – релевантноста на промените за економската наука и за македонската економија“ ја организира Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ. Дискусиите од расправата, откако ќе бидат авторизирани од страна на учесниците, МАНУ ќе ги објави во посебен Зборник на трудови од научната расправа.

MIA

Share This Article