Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, денеска пред Уставниот суд изјави дека треба да се отфрлат 13-те иницијативи за укинување на албанскиот јазик.
Тој нагласи дека неговото присуство и собирот на поддржувачите не е за предизвикување тензии, туку за да се слушне „гласот на разумот“.
– Денеска овој едностран суд мора да ги отфрли 13-те иницијативи за сузбивање на албанскиот јазик. Тоа би била нивната најмудра одлука. Сакаме мир, стабилност, дојдовме тука како семејство. Не дојдовме да се судриме, туку да го слушнеме гласот на разумот – изјави Ахмети.
Тој го спореди денешниот ден со случувањата во 1989 година, кога поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ ја потисна автономијата на Косово, повлекувајќи историски паралели со сегашните состојби.
Од рано изутрина, голем број припадници на полицијата се распоредени во центарот на Скопје, особено околу зградите на Уставниот суд и на Собранието, каде што присуството на граѓани е зголемено.
Ахмети и поддржувачите на ДУИ апелираа за мирен протест и носење правична одлука од страна на судот, со цел, како што велат, зачувување на стабилноста и меѓуетничкиот соживот во земјата.