Сите политички партии, без оглед на својот етнички или идеолошки „бекграунд” треба да седнат на иста маса и да разговараат за европската иднина на државата, изјави денеска во Собранието, Арбер Адеми, пратеник и потпретседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Прашан во врска со поканата на Беса до лидерите на другите партии на Албанците за средба на која ќе се разговара за заеднички настап во барањето од Уставот да се избрише одредбата „20 проценти”, Адеми рече дека треба да им се остави простор, без предрасуди, без негативна енергија, како зрели политички партии да седнат на иста маса и да разговараат за сите можни отворени прашања.
Како што рече пратеникот, во моментов целта е да се зацврсти социјалната кохезија во државата.
Во однос на најавата од ВМРО-ДПМНЕ дека на средбата со премиерот Димитар Ковачевски на маса ќе се отвори и прашањето за предвремени парламентарни избори, Адеми рече дека сега не е време за избори.
– Ние максимално сме фокусирани на реализација на нашите програмски определби и имаме многу поважни прашања од избори. Не е време, не е одговорно, не е сериозно, во време на енергетска, економска и финансиска криза да се зборува за предвремени парламентарни избори. Треба да размислуваме да носиме државнички одлуки кои ќе носат подобро утре за сите граѓани – рече Адеми.