Познатата пејачка Адел вчера беше наречена „кралица на Брит наградите“ откако ги освои наградите за најдобар албум, изведувач и песна на годината, за својата „Еasy on me“. Ова се први Брит награди на кои немаше посебнин награди за најдобар машки и женски изведувач, односоно тие беа споени во наградата Уметник на годината.
Брит наградите, кои се одржуваат во лондонската „О2 арена“, се доделуваат секоја година од 1977 па наваму.
– Би сакала да ја посветам оваа награда на мојот син и на Сајмон, неговиот татко. Овој албум беше целото наше патување, не само мое – рече Адел во солзи, мислејќи на нејзиниот поранешен сопруг Сајмон Конецки.
И покрај тоа што беше објавен лани во ноември, „30“ – четвртиот студиски албум на Адел, е најпродаваниот албум во Велика Британија за 2021 година, со повеќе од 600.000 примероци за само шест недели. Адел неодамна изјави дека го снимила албумот за да му го објасни својот развод на синот ѝ.
Адел за наградата за уметник на годината, ги победи Литл Симз и Дејв, Ед Ширан и Сем Фендер. Меѓу другите победници беше рок групата „Волф Алис“, којашто ја освои наградата за најдобра група, а раперот Литл Симз е најдобар нов изведувач. Ед Ширан беше прогласен за текстописец на годината.
Американските пејачки Били Ајлиш и Оливија Родриго ги освоија наградите, соодветно, првата за најдобар странски изведувач и втората, за странска песна, за „Good 4 u“. Наградата за најдобра странска група ја освои американското ар-ен-би дуо „Силк соник“, коешто го сочинуваат пејачот Бруно Марс и раперот-пејач Андерсон Паак.
Сем Фендер ја освои наградата за алтернатив – рок, а Дејв за хип-хоп – грајм – рап. Пејачката Дуа Липа ја доби наградата за најдобра поп – ар-ен-би изведба, а Беки Хил ја доби наградата за најдобра денс изведба.