АД ЕСМ ќе склучи нов договор за деловно-техничка соработка со АД Скопје Север, со кој ќе се уредат односите за оваа грејна сезона со цел граѓаните да имаат парно греење во делот на градот кој го покрива Топлана Скопје Север – изјави вчера генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.
– За тој договор да биде функционален, Скопје Север ќе мора да ги испочитува сите обврски од договорот, а пред сé неговиот мнозински сопственик, Топлификација АД во стечај да го потпише договорот и Скопје Север да ги спроведе сите обврски кои не ги спроведе во текот на изминатата грејна сезона, по претходниот договор. Јавноста мора да знае, дека АД Скопје Север и неговиот мнозински акционер, Топлификација АД во стечај, воопшто не соработуваа со АД ЕСМ во изминатава година и ние наидовме на многу препреки и тешкотии да го заштитиме државниот капитал и државните средства кои ги вложивме за гас за Скопје Север, како и препреки во почитувањето и спроведувањето на неопходните процедури – рече Ковачевски.
Тој се пожали дека во Скопје Север му бил попречуван пристапот на нивниот претставник, прокурист, чија улога е токму да има пристап и увид во целокупното работење и таму да го претставува АД ЕСМ.
– Нашиот прокурист никогаш не беше впишан во Централен регистар, овластеното лице никогаш не го врза потписот со потписот на прокуристот и за други исплати покрај од наменската, а имаа таква обврска и Скопје Север не испраќаше секојдневен извештај до прокуристот за извршените плаќања во претходниот ден, што и каде платиле.И до денес е така. Значи, државните пари дадени во Скопје Север висат, не се соодветно заштитени – рече директорот на ЕСМ.
За минатата грејна сезона, односно за половина сезона, јануари, февруари, март и април 2022, ЕСМ исплатило за Скопје Север 26 милиони денари, или 425 илјади евра за гас. За оваа грејна сезона најверојатно ќе стане збор за сума од околу 60 милиони денари, односни 1 милион евра за гас и дополнително за други намени.
– Средствата од минатата грејна сезона до денес, не се вратени на ЕСМ, иако Скопје Север потпиша обврска да ги врати и ние пред два дена испративме допис до нив дека таа обврска мора да ја исполнат, бидејќи гасот им беше добавен, тие испорачаа греење, ги наплатија сметките од потрошувачите, но средства кон ЕСМ сé уште не се исплатени – рече Ковачевски.
и потсети дека и Владата укажала дека Скопје Север треба да ги врати средствата кон ЕСМ, кои ги доби за минатата грејна сезона.
– Да сумирам, потрошувачите во дел од градот Скопје, односно дел од Општина Чаир и Општината Бутел, да бидат спокојни, парно ќе имаат, државата мисли на сите и има обврска да се грижи за сите, а АД ЕСМ секако ќе го реши прашањето со поврат на своите средства, кои ќе ги вложи во обезбедување на греењето, а во име на другиот субјект и од нашите побарување ниту можеме ниту смееме да се откажеме, тоа се средства за кои и ние треба да дадеме отчет пред Владата – рече Ковачевски.