Двајца членови на групата АББА не сакаат овој легендарен бенд да настапи на Евровизија, кој следната година ќе се одржи во нивната татковина, Шведска.
Бени Андерсон и Бјорн Улвеус ја отфрлија можноста за обединување на членовите на легендарната шведска група АББА на Евровизија во својата родна Шведска идната година, кога ќе се прослави 50-годишнината од победата на популарниот бенд на овој натпревар со песната „Waterloo“.
Во интервју за британскиот „Би-би-си њузнајт“, тие ја отфрлиле можноста за излегување на сцената со колешките Агнета Фелтског и Ани-Фрид Лингштад за таа прилика.
Швеѓанката Лорин победи на овогодишното издание на Евровизија во Ливерпул, што значи дека Шведска ќе биде домаќин на натпреварувањето следната година.
„Не сакам и ако јас не сакам, тие нема да се појават. Истото важи за четворицата – кога некој ќе каже „не“, тоа значи „не““, изјавил Андерсон. „Можеме да прославиме 50 години АББА без нас на сцената“, додал Улвеус.
Основана во 1972 година, групата АББА доби војска од обожаватели во светот по триумфот на Евросонг во 1974 година и своите вечни хитови како „Dancing Queen“ и „Fernando“. Четворката која се раздели кон почетокот на 80-те години продаде околу 385 милиони плочи.
Во Лондон минатата година се одржа концертот „ABBAtar“ со дигитални аватари на членовите на бендот во нивната верзија од 70-те години на минатиот век.