Коцарев ги повикува сите 120 пратеници да се изјаснат против уставните измени

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Македонија треба да чекори по европскиот пат, но на тој пат ние треба да чекориме само како Македонци. Инаку, во спротивно, тој пат води кон пропаст, исчезнување, обезличување, разнебитување, истакна Љупчо Коцарев, првиот човек на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) во своето четвртото по ред обраќање на годишните собранија, пренесе весникот Нова Македонија.

Тој посочува дека договорите со Грција и со Бугарија се нашата најголема траума, а исто така ги повика сите 120 пратеници во Собранието да се изјаснат против уставните измени за да не би се распаднала Македонија.

– Свесен сум за геополитичката реалност и дека Македонија, соочена со геополитички превирања, мораше час поскоро да стане членка на НАТО, но сепак, продавањето и предавањето на сѐ што е македонско е бесмислено, непродуктивно, па дури и геополитички неоправдано – изјави Коцарев.

Покрај другото, Коцарев вели:

– Бидејќи договорите со Грција и со Бугарија се важечки за меѓународната заедница, а ќе бидат важечки и решенијата вградени во нашиот правен систем, што ќе го отсликуваат суштинскиот карактер на билатералните протоколи со Бугарија, за сите други, освен за нас самите, ние ќе бидеме народ без македонски идентитет, без македонска историја и ќе зборуваме на бугарски дијалект, кој, по 1945 година, се именува како македонски јазик. Договорите со Грција и со Бугарија, за Македонците значат дека македонскиот народ ‘нема свое место во светот, место што другите го признаваат и го гарантираат’ и оти македонскиот народ не припаѓа во семејството на сите народи. Погрешно и наивно се веруваше дека за опстојувањето на Македонците е доволно тоа што, иако осамени, или напуштени од сите други, Македонците не се сами, тоа што тие можат да проговорат со самите себе, што во секојдневна употреба, во научните дискусии, во уметничките творби, договорите не можат да забранат и понатаму да продолжиме да зборуваме и да пишуваме за Македонија и за македонскиот идентитет, историја и култура, за Македонците во Егеј и во Пирин. Меѓутоа, за потврдување на идентитетот на македонскиот народ, Македонците во целост зависат од другите држави, поточно, од меѓународната заедница. До 16 јуни 2018 година за повеќе од 130 држави и за речиси 80 проценти од жителите на планетата Земја ние бевме Македонци, што живеат во Република Македонија. Веќе на 17 јуни 2018 година – само еден ден подоцна, македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена – истакна академикот.

Тој ги повика одговорните јавно да им се извинат на Македонците.

– Ги повикувам одговорните за овој грозоморен чин јавно да им се извинат на Македонците. Исто така, повикувам договорите со Грција и со Бугарија, коишто претставуваат културен геноцид на Македонците, во колективната меморија на македонскиот народ да се именуваат со изразот ‘македонски холокаус’. Ги повикувам и надлежните институции во Македонија да предложат ден за комеморативно одбележување на македонскиот холокауст. За да чекориме достоинствено по европскиот пат, ги повикувам сите 120 пратеници во македонското Собрание едногласно да се изјаснат против уставните измени. Ако сега кажеме ‘не’, Македонија ќе има повеќе шанси да биде рамноправна членка во ЕУ и да не се распадне. Ако дозволиме уставни промени, тоа ќе значи широко отворање на портите за други, нестварни и бесмислени барања, што ќе повлече соочување со уште поголеми искушенија. Промената на Уставот е првото, пробно, дури, можеби, и не толку застрашувачко барање – другите, посурови и позастрашувачки барања ќе дојдат подоцна, по започнување на пристапните преговори. Договорите со Грција и со Бугарија значат крај на македонската историја. За Македонија не постои план Б: ова парче земја е нашата единствена татковина – Македонија, па затоа, 120 години по излегувањето на книгата ‘За македонските работи’, на борба за правото на самоопределување на македонскиот народ во меѓународната заедница, што ќе го отелотвори достоинствениот живот на Македонците – објаснува Коцарев.

Share This Article