Градежниците си го фаќаат патот, секторот има потреба од 20.000 работници

Lorita
By Lorita 9 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Меѓу 15.000 и 20.000 работници недостигаат во градежниот сектор. Дел од нив веќе ја напуштија земјава и заминаа во регионот и во Европа каде што условите за работа се подобри, а платите се далеку повисоки. Поради ваквата состојба забавено се одвива градењето на објектите, а конкуренцијата од соседите од Отворен Балкан – Србија и Албанија, каде што овој сектор е подобар, ќе ја влоши дополнително работата со недостиг на кадар.

Дополнително, државата не води грижа за градежниот сектор со тоа што најголемите капитални проекти ги дава на странски фирми, а работниците се третираат како сезонци со ниски плати, се жалат градежниците.

Според нив, излезот се бара во системско решение кое ќе овозможи образување на кадар, моментална преквалификација на невработените за кои не може да се обезбеди работа, но и да се овозможи увоз на стручен и инженерски кадар.

– Треба стратешки да се работи на обезбедување кадар за овој сектор, но и секторот да се поддржува. Решение е и отворањето на пазарот на труд за увоз на работници, но работите одат бавно, а ние ја губиме конкуренцијата со градежништвото во регионот и пошироко. Во Србија и во Бугарија, до некаде и во Албанија, многу се повисоки и цените на деловните и станбените објекти, па и работниците можат да бидат далеку поплатени отколку кај нас. Но не е сè во платата, работниците одат бидејќи и другите услови и амбиент во овие земји се подобри од овде – вели Ивица Јакимоски, претседател на градежната комора на Сојузот на стопански комори.

Тој смета дека со Отворен Балкан за градежниците ќе се продлабочи кризата со кадар и конкуренцијата.

– Условите за работа и заработка во земјите од овој проект се подобри од нашите, па очекувам во наредниот период да има дополнителен одлив на кадар во овие земји. Затоа државата треба побрзо да реагира на нашите барања за отворен пазар на труд и да ни се даде можност да уверуваме кадар за да ја забрзаме работата и да се подобриме како конкуренција – вели тој.

Податоците на градежната комора укажуваат на тоа дека кај турските градежници кои градат во земјава и дел од нашите градежни фирми се увезени околу 4.000 работници.

– Тоа не е доволно, ако се знае дека во секторот недостигаат 15.000 до 20.000 работници. Ова го забавува нашето работење, па наместо за една година ние проектите ги завршуваме за две и повеќе години. Сето тоа нѐ чини приходи кои и онака се помали од соседството бидејќи цените на квадратот кај нас се пониски од 2.000 односно 3.000 евра како што е во Србија и во Бугарија – додава Јакимоски.

Андреа Серафимовски од градежната комора на Стопанската комора вели дека политиката на државата која подолг период е свртена кон социјалата наместо кон развојот влијае на состојбите во градежништвото.

- Advertisement -
Ad image

– Но, главен проблем е тоа што нашите градежни фирми постепено умираат, а работите ги добиваат странски фирми, што дава впечаток дека некој сака градежниот сектор полека да пропадне. Работниците кај странските фирми кои работат на проектите се третираат како сезонски работници без никакви бенефиции, а таа несигурност прави тие да бараат подобри услови за работа и да заминуваат во странство. Нашите компании и покрај зголемувањето на платите несразмерно со профдуктивноста трпат загуби и полека се затвораат. На пример, продуктивноста во градежништвото во ЕУ е 97.000 долари по човек, а кај нас е 45.000 долари. Тоа говори каква е состојбата и кон што таа води – вели Серафимовски.

Проблемот со кадарот во градежништвото ќе се продлабочува и следните години и во однос на високостручниот инженерски кадар. На Факултетот за градежништво секоја година има сѐ помалку студенти.

Професорот д-р Горан Марковски од Катедрата за бетонски и дрвени конструкции на Градежниот факултет во изјава за МИА вели дека за квалитетот на градба е потребно во земјата да има квалитетен домашен кадар.

- Advertisement -
Ad image

– Не може држава да се потпре само на странски компании и инженери бидејќи не се работи само за изградба на нови објекти, туку и за нивно одржување, контроли, реконструкции, санации и сл. А за тоа се потребни домашни кадри. Претпоставувам на сите им е јасно дека функционирањето на многу институции и јавни претпријатија без градежни инженери е практично невозможно. И така доаѓаме до она што според мене е најкритично во моментов, а тоа е сè послабиот интерес на младите за изучување на градежништвото. Бројот на новозапишани студенти на Градежниот факултет сериозно се намалува од година во година. Интересот е толку мал што градежништвото почнува да станува неодржливо. Причини за ваквиот тренд има повеќе. Дел од нив се познати, за дел можеме само да се нагаѓаме. Но едно е сигурно – ако ваквата стихија при запишувањето во високото образование продолжи, во не толку далечна иднина ќе се соочиме со сериозен недостиг од инженерски кадар. А, тоа значи градби со помал квалитет, поголеми ризици од уривање и сл. – вели тој.

Никола Велковски, архитект, смета дека проблемот со кадарот најпрво треба да пробаме да го решиме преку квалификации и доквалификации на невработените.

– Ние имаме 110.000 невработени. За дел од нив нема да се отворат работни места и затоа треба да се стимулираат да се преквалификуваат за одредени работни места и да се вработат. Подолгорочно државата треба да има стратегија на поттикнување на младите да учат занаети бидејќи не секогаш со високо образование може да се најде работа. Во однос на инженерскиот кадар, покрај тоа што имаме намален број на студенти има уште еден проблем. Дел од нив и кога ќе завршат или одат во странство или пак се преквалификуваат во информатичари и работат во тој сектор. Сето ова треба да се има предвид и да се реагира навремено – вели Велковски.

Според него, идејата за увоз на полуквалификувани работници од странство е ризична за квалитетот на градбите.

– Сѐ што ќе дојде да работи тука е полуквалификувани работник, обучуван во други системи и правила на градење. Затоа е потребно доколку се овозможи увоз на работници да се обезбеди силен контролен механизам за да се зачува и високиот квалитет на градби кој го имаме моментално во земјава – додава тој.

Синдикатите, пак, велат дека вината за заминувањето на градежните работници во странство покрај ниските плати и условите за работа е тоа што нашите градежни компании немаат работа за да можат да им ги зголемуваат платите бидејќи државата капитланите проекти ги дава на странци.

– Сите големи капитални проекти државата ги дава на странски фирми. Нашите фирми немаат големи ангажмани за да можат да овозможат поголеми плати за работниците. Податоците се алармантни, а ние како синдикат подготвуваме детален извештај за оваа состојба кој ќе го обелодениме наскоро. Што се однесува до платите и условите за работа, веќе се знае дека кај нас платите се ниски, а условите за работа се полоши од регионот, па одењето во странство во една насока е многу често. Фактот што 12.600 работници во градежништвото изминатиот период заминаа, говори многу. Еве какви се просечните плати. Во секторот производство на градежни материјали просечната плата е 27.000 денари, а во градежништвото 24.000 денари – вели претседателот на Синдикатот на градежништво Иван Пешевски.

Владата најави дека има намера да почне да го отвора пазарот на труд и за странски работници, а што планира со големиот број невработени лица кои се главно со основно или без образование, не се знае.

Share This Article