Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека заминал на спиење во пресрет на ноќта на 24 февруари 2022 година, знаејќи дека за неколку часа ќе почне руската инвазија во Украина и ќе го разбудат.
– Отидов во кревет, но ноќта беше многу кратка, бидејќи знаев дека во некоја фаза, во рoк од неколку часа, некој ќе ме пробуди. Така и беше. Околу четири часот ме повика началникот на штабот и само кратко ми рече – „почнаа“. Не беше изненадување, бидејќи знаевме – рече Столтенберг во интервју за АФП, во пресрет на руско-украинската војна.
Додека многумина ширум светот беа крајно убедени дека Москва нема да ризикува целосен напад, за генералниот секретар на НАТО не постоел сомнеж дека Путин е подготвен да тргне, пренесува „Франс 24“.
– Можно е да се биде шокиран од бруталноста на војната. Но, нема начини да бидете изненадени, бидејќи тоа навистина беше нешто што беше предвидено со месеци пред инвазијата – нагласи тој.
Една година од почетокот на војната, која однесе десетици илјади човечки животи, и според многумина ја загрози европската безбедност, Столтенберг ја предупреди Алијансата дека мора да биде подготвена за нова ера на конфликт со Русија кој би можел долго да трае.
– Претседателот Путин сака поинаква Европа, сака Европа во која ќе може да ги контролира соседите, каде може да решава што можат да прават земјите – вели Столтенберг.
Членките на НАТО не испратија сопствени сили во Украина, но некои западни официјални лица стравуваат дека директен воен судир би можел да ескалира во нуклеарна војна меѓу Русија и Западот.
Поранешниот норвешки премиер, сепак, ги отфрли обвинувањата дека Алијансата можела да стори повеќе за спречување на општа инвазија на Русија.