Се ближи првата годишнина од почетокот на рускиот напад врз Украина, а според официјалната статистика, материјалното уништување и човечките загуби се веќе огромни. Новинската агенција АФП собра некои од основните податоци поврзани со бројот на жртвите и раселените лица, страдањата на децата, извршените злосторства, но и економската штета во таа земја предизвикана од конфликтот.
Според последните проценки направени во Норвешка, во конфликтот биле ранети или убиени 180 илјади руски војници и 100 илјади украински војници. Други западни извори проценуваат дека војната предизвикала 150 жртви на двете страни, пишува Гардијан.
Според западни извори, во целата земја во конфликтот животот ги загубиле вкупно 30.000 до 40.000 цивили. Кон крајот на јануари, Обединетите нации процениле дека 18.000 цивили биле убиени или ранети во борбите, но рекоа дека реалната бројка е веројатно многу поголема.
Украинските власти тврдат дека во конфликтот загинале најмалку 400 деца. Киев, исто така, тврди дека Москва насилно депортирала повеќе од 16.000 деца во Русија или области под контрола на сепаратистите поддржани од Москва.
Исто така, повеќе од 8 милиони Украинци биле принудени да ја напуштат Украина по избувнувањето на војната, според Агенцијата за бегалци на ОН, што ја прави најголемата бегалска криза во Европа од Втората светска војна. Соседна Полска е домаќин на најголемиот дел од овие бегалци, повеќе од 1,5 милиони од нив. Повеќе од 5 милиони луѓе се внатрешно раселени.
Нагазните мини, исто така, претставуваат закана за цивилите и нивната безбедност. Институциите во Киев тврдат дека 30 отсто од територијата на Украина е контаминирана со мини, додека Хјуман рајтс воч ги обвинува украинските војници дека поставиле забранети противпешадиски мини во источниот регион Изиум. Експертите предупредуваат дека деминирањето може да трае со децении.
За време на војната беа пријавени околу 65.000 осомничени за воени злосторства, вели комесарот за правда на Европската унија, Дидие Рејндерс. Инспекторите на ОН ја обвинија Русија дека извршила воени злосторства од „масовни размери“ во Украина, вклучувајќи бомбардирања, егзекуции, тортура и сексуално насилство.
Според Валериј Залужни, врховен командант на украинските вооружени сили, „активната“ борбена линија се протега од север кон југ долж 1.500 километри територија.
Што се однесува до економската штета што конфликтот и ја донесе на земјата, Светската банка во октомври соопшти дека очекува економијата на земјата да се намали за 35 отсто во 2022 година, додека Економското училиште во Киев во јануари процени дека ќе бидат потребни 138 милијарди долари за замена целата инфраструктура опустошена од војна. Војната предизвика повеќе од 34 милијарди долари економски загуби во земјоделскиот сектор, беше објавено во ноември минатата година.